Abdula Berisha
19 Октомври 2022•Ажурирај: 20 Октомври 2022
СКОПЈЕ (АА) - Сирените на автобусите во главниот град на Северна Македонија, Скопје, денеска симболично на 5 до 12 свиреа пред Владата на Северна Македонија, како предупредување и барање за исплата на долговите кон Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), јавува Агенција Анадолија (АА).
Дојава за бомба во Скопје, повлечени сите автобуси на градскиот јавен превоз
Неколку автобуси на ЈСП ја блокираа улицата пред Владата, а претставниците од јавното претпријатие и од Град Скопје, под чија надлежност е претпријатието, истакнаа дека Министерството за образование и наука има отворен долг кон ЈСП во вредност од 120 милиони денари (околу 2 милиони евра) за субвенциониран превоз за студентите и учениците.
Зоран Глигоров, секретар на Град Скопје, исто така рече дека и општините должат околу 40 милиони денари (околу 650 илјади евра), со што се отежнува работењето на ЈСП, вклучително и доцнењето на платите на вработените.
„Во оваа пригода сакам да ви кажам дека скопјани заслужуваат јавен превоз и скопјани ќе го добијат јавниот превоз и тој јавен превоз во моментот се реализира и ќе се реализира и понатаму, без разлика на проблемите со коишто се соочуваме и без разлика на притисокот којшто се прави како од Министерството за образование, коешто не ги исплаќа своите обврски, така и од општините коишто должат спрема Јавното претпријатие“, рече Глигоров.
Тој, исто така, истакна дека вработените во ЈСП заслужуваат плати и нив ќе ги добијат „согласно со законските обврски“.
В. д. директорот на ЈСП, Александар Стојковски, исто така потврди дека вработените ќе добијат плата, но најави радикализација и почести блокади доколку не се подмират долговите кон претпријатието.
Вчера, преку соопштение Владата ги негира обвинувањата дека има долг кон ЈСП. Според владиното соопштение, во зимскиот семестар од студиската 2021/2022 година, студентите не посетувале настава со физичко присуство. Според тоа, не е донесена одлука за студентските карти за попусти.
Во меѓувреме, вработените на ЈСП преку синдикатот, исто така изразија незадоволство за доцнењето на платите, и притоа се заканија дека ќе го прекинат јавниот превоз.
Глигоров го искоментира и денешното предупредување испратено на електронската пошта на претпријатието дека ќе се постави бомба во еден од автобусите.
Поради ова, ЈСП ги повлече сите автобуси од сообраќај, а од МВР го потврдија случајот и соопштија дека е приведено едно лице вработено во ЈСП. Од Министерството нагласија дека се вршат антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Глигоров рече дека ова претставува „напад на интегритетот врз ЈСП" и обид да се доведе во прашање одржувањето на денешниот протест.
Од друга страна, Владата ги отфрли овие тврдења на Град Скопје и ЈСП. Според неа, централната власт нема долг кон ЈСП. Од Владата потенцираат дека состојбата во која се наоѓа ЈСП го покажува неодговорниот начин на претпријатието во управувањето со средствата наменети за превозот на ученици и ненавременото плаќање на обврските на претпријатието.