БРИСЕЛ (АА) - Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, кој престојува во посета на Брисел, за АА изјави дека налудничавиот поход во кој тргнал Милорад Додик, мора да биде веднаш запрен и мора веднаш да се деблокираат иституциите на БиХ, и дека тоа треба да биде приоритетна задача на сите во БиХ и во меѓународната заедница, јавува Агенција Анадолија (АА).
Џаферовиќ за новинарот на АА изјави дека во рамките на посетата ќе разговара со членовите на Европскиот парламент од различни политички групации, освен со членовите на Европскиот парламент, и дека ќе разговара со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи, Стефан Санин.
„Моја цел е што е можно повеќе да ја анимираме Европската Унија, Европскиот парламент, пред сѐ, на посилни активности, кога станува збор за помош на БиХ и кога е во прашање решавањето на моменталната криза во која живее БиХ, а БиХ живее во многу сериозна политичка криза која се заканува многу сериозно да премине во безбедносна криза поради постапките на членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик и на сите оние кои го следат“, изјави Џаферовиќ.
Тој посочи дека е важно што поскоро да се преземе акција за да се спречи Додик во неговата најава во врска со т.н. враќање на надлежностите на државата БиХ на ентитетот во однос на одбраната, индиректното оданочување и Високиот судски и обвинителски совет и со цел на крајот да се спречи Додик да го следи патот на сецесија на босанскиот ентитет Република Српска.
„Активностите што ги презема Додик за актуелната блокада на институциите на БиХ, најавените активности кои се однесуваат на намалување на капацитетот на државните институции на БиХ и заканата од сецесија се всушност, дел од пакет со крајна цел сецесија, односно напад на суверенитетот на БиХ и територијалниот интегритет. Се разбира, тоа никогаш нема да го дозволиме, ќе се бориме, ќе ја браниме БиХ, ја браневме во многу потешки околности, но во прашање е штета која секако ќе биде поради овие активности кои Милорад Додик и сите оние кои го следат него, ги преземаат. Колку побрзо се прекине, толку помала штета ќе има за сите нас во БиХ“, рече Џаферовиќ.
Членот на Претседателството на БиХ предупреди дека кризата во БиХ, доколку премине во безбедносна криза, може да биде безбедносна криза не само за БиХ, туку и за целиот Западен Балкан и за целата ЕУ, како и за светот, истакнувајќи дека во овој момент трпат штета од последиците на неработење и блокирање на државните институции на БиХ, па поради тоа БиХ во ноември нема усвоен буџет за 2021 година, невозможност за ангажирање на вооружените сили во помош на цивилното население, како и низа други последици.
„Тој налудничав поход во кој тргна Милорад Додик мора веднаш да биде запрен и мора веднаш да се деблокираат институциите на БиХ и тоа треба да биде приоритетна задача на сите нас и во БиХ и во меѓународната заедница“, нагласи Џаферовиќ, напоменувајќи дека под меѓународната заедница се мисли и на Вашингтон и Брисел.
Запрашан дали мисли дека ЕУ треба да воведе санкции или да изврши некаков притисок во оваа ситуација, Џаферовиќ одговори дека најважно е институциите да функционираат, и Додик и тие што го следат да се откажат од налудничавата кампања во која тргнале.
„Она што тој го направи досега секако заслужува санкции. Зашто, секој што ќе ја доведе БиХ во состојба во каква што е сега, а која сериозно го загрозува мирот, треба да биде санкциониран, почнувајќи од мене, па потоа и кој било функционер во БиХ. Додик веќе ѝ нанесе толку голема штета на БиХ што заслужи санкции од сите можни видови“, рече Џаферовиќ.
На новинарско прашање за измените на Изборниот закон на БиХ, Џаферовиќ рече дека смета оти во моментов е приоритет да се деблокира работата на институциите на БиХ без никакви услови и дека е тешко да се води кој било друг процес во ситуација кога институциите се блокирани.
„Имаме обврска да го приспособиме нашиот Изборен закон на барањата кои произлегоа од одлуките на Европскиот суд за човекови права и од позициите на меѓународните мериторни тела, пред сѐ на ОБСЕ“, рече Џаферовиќ, потсетувајќи дека Европскиот суд за човекови права од БиХ, бара сите граѓани, без разлика дали припаѓаат на конститутивните народи или не, да мора да имаат еднакви можности.
„Во моментов преку процесот што треба да ги спроведе одлуките на Европскиот суд за човекови права се наметнуваат некои други политички прашања кои се спротивни на Дејтонскиот мировен договор и мислам дека тоа не е добро. БиХ треба да ги спроведе одлуките на Европскиот суд за човекови права“, рече Џаферовиќ.
На крајот, тој беше прашан што мисли за улогата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во целиот процес, на што рече дека Ердоган е голем пријател на БиХ и дека им посакува добро на сите народи и на сите граѓани на БиХ.
„Република Турција е голем пријател на БиХ, ѝ помага на БиХ и не бара ништо од БиХ. Ќе ви биде тешко да најдете пријатели кои ви даваат таква поддршка и не бараат ништо од вас. Тоа е односот на Република Турција и претседателот Ердоган кон БиХ. Турција и Ердоган го поддржуваат нашиот европски пат, патот на НАТО, го поддржуваат внатрешниот дијалог во БиХ, градењето на ефикасна и функционална држава БиХ. Секако дека е драгоцена помошта на нашите пријатели и претседателот Ердоган за надминување на актуелната криза и за тоа му благодарам“, заклучи Џаферовиќ.