Пишува: Доц. проф. д-р Адмир Мулаосмановиќ
- Авторот е експерт за современа светска историја; предава на Меѓународниот универзитет во Сараево (IUS) и Катедрата за меѓународни односи и дипломатија при Факултетот за политички науки на Универзитетот во Сараево.
ИСТАНБУЛ (АА) - Политичката криза во Босна и Херцеговина достигнува опасна точка со можно регионално влијание. Интензивирањето на продлабочувањето на посебните односи на Србија со еден од двата ентитета на Босна и Херцеговина, Република Српска, се совпаѓа со политичките процеси на Западен Балкан во текот на втората деценија на 21 век и формирањето на Владата во која доминира Српската напредна партија (СНС).
Документот „Стратегија за зачувување и зајакнување на односите меѓу татковината и дијаспората“ и „Татковината и Србите во регионот“ (Меморандум 2) од 2011 година, претставен пред јавноста на БиХ од страна на списанието „Слободна Босна“ (март 2013 година), наметна неопходна претпазливост во регионот.[1] Слично како Меморандумот од 1986 година, овој документ се заснова на големосрпската политика на „крв и земја“, според која Србија е онаму каде што живеат Србите, на тој начин, поткопувајќи ја ситуацијата во соседните земји. Целта е да се намалат штетите на Србија од воените порази, нејзината вина и одговорност, работата на изедначување на агресорите и жртвите итн. Со тоа, тие имаат за цел да не се соочат со минатото, туку да ги обвинат другите.
- Дестабилизирачки актери во регионот -
„Босна и Херцеговина е поважен, но многу полесен случај од Хрватска и Црна Гора, благодарение на Дејтонскиот договор и фактот што зад таканаречената обединета БиХ единствено стојат муслиманите и делови од фрагментираната, збунета и безидејна меѓународна заедница. Фактот што одредени делови од меѓународната заедница не би имале ништо против поделбата на БиХ е исклучително важно оружје кое мора максимално да се искористи во реализацијата на зацртаните цели. За остварување на овие цели потребни се неколку години, најмногу децении.“[2] Овој цитат се наведува на самиот почеток на документот како лајтмотив. Тој всушност фрла светлина на сè што се случува во Босна и Херцеговина, но и во земјите од Западен Балкан во текот на последната деценија.
Преку мешањето, со поддршка на Русија, во изборите во [Северна] Македонија (2016), постојано драматизирајќи ја ситуацијата како „македонско сценарио“, Белград веќе тивко го дестабилизира јужниот сосед. Српскиот претседател Александар Вучиќ, исто така, го зајакна својот опфат и се пресмета со опозицијата дома преку поплаки.[3] Двата последователни избори во Црна Гора (2016 и 2020) уште подрастично покажаа колку е силна врската помеѓу Белград и Москва и размерот во кој се синхронизираат дејствувањата во Западен Балкан. Извештајот на Центарот за стратегиски и меѓународни студии (CSIS) со седиште во Вашингтон дава вреден увид во малигното мешање под изговор на заштита на словенските браќа, што доведува до присетување на историјата и поистоветување на денешна Русија со Руската Империја и антиосманлиските сојузи пред два века. [4]
„Српските претензии во регионот растат, Србија се чувствува како да победила на изборите во Црна Гора и тоа не може да помине без последици за регионот, а сонот на Вучиќ да биде српски регионален лидер е пополн“, изјави Жарко Кораќ за порталот „Истиномер“, и откри нешто за што сите се свесни, но поради некоја причина не сакаа отворено да го кажат.[5] Во тој контекст може да се забележат иницијативите кои доаѓаат од Вучиќ, пред сè иницијативата „Отворен Балкан“.
- Иницијативата „Отворен Балкан“ е проблематична -
Базирајќи се на Меморандумот 2, кој го дефинира подемот и позицијата на хегемонијата на Балканот, може да се открие за што служи оваа „отвореност“. Наративот за „српски свет“ почнува да оживува синхронизирано, па без сомнение таа отвореност првенствено служи како интегрирање на Србите во регионот. Обновувањето на целосната контрола врз Црна Гора, распарчувањето на Косово и дестабилизација, па до поделбата на Босна и Херцеговина, се главните цели кои секојдневно се имплементираат.
Интересно, Москва се залага за „српски свет“ како хуманитарен концепт „кој е оправдан и е во согласност со меѓународното право“.[6] Гледајќи на геополитичко ниво, можеме да ја разбереме позицијата на Русија. Александар Дугин, руски теоретичар за евроазискиот подем и надмоќ, смета дека новата оска треба да се заснова на трипартитната конфигурација Берлин-Москва-Пекинг како носители на изградбата на идната „Евроазиска Империја“. Според него, клучна земја за осигурување на руското влијание на Балканот е Србија. Под руско и кинеско влијание Србија би требало да стане сила која ќе доминира во Југоисточна Европа и ќе обезбеди економски коридори кон Германија.[7]
Како оваа теорија може да се спроведе, со оглед на фактот дека има поместувања во геополитиката, е друго прашање. Сепак, „Српскиот свет“, предложен од српските лидери не е ни културен ниту хуманитарен концепт. Напротив, станува збор за создавање на прекугранично воено, политичко и безбедносно тело, кое ќе може да учествува во создавањето на новиот евроазиски поредок.
- Улогата на Турција во решавањето на кризата -
Последните потези на Милорад Додик, српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, преку кои ја напаѓа државноста на БиХ и бошњачкиот идентитет, како и мирот на Западен Балкан, се дел од стратегијата на Москва да го дестабилизира регионот за свои цели. Опасната игра што ја игра Додик има потенцијал да ги разгори тензиите до највисоко ниво. Во таа смисла, улогата на Турција и на претседателот Реџеп Таип Ердоган имаат клучна важност за безбедноста. Овде, Анкара треба да направи повеќе отколку да биде само еден од посредниците. По средбите на претседателот Ердоган со Бакир Изетбеговиќ на 3 ноември и со Додик на 11 ноември, можноста за нормализација во регионот е поголема благодарение на цврстите пораки дадени од турскиот претседател. Но, исто така, благодарение и на пораките испратени до Москва дека Додик во последно време премногу провоцира што ги загрозува и руските интереси во регионот, како и на другите сили.
Несомнено е дека Белград очекува големи промени во меѓународниот поредок. Поради таа причина истовремено се залага за „Српски свет“ и за „Отворен Балкан“. Во рамките на интегрираниот регион, со помош на Москва и Пекинг, се прават напори да се изгради позиција на хегемонија која првенствено ќе ги задоволи сопствените интереси во новата геополитичка реалност. Што значи тоа за Босна и Херцеговина и за Бошњаците? Историјата нека ги каже своите лекции.
[1,2] https://www.slobodna-bosna.ba/vijest/6152/senzacionalno_slobodna_bosna_u_posjedu_tajnog_nacionalnog_dokumenta_sanu_za_rs.html
[3] https://www.slobodnaevropa.org/a/makedonija-srbija-makedonski-scenario-pancic/28461254.html
[4] Heather A. Conley and Matthew Melino (2019). Russian Malign Influence in Montenegro. The Weaponization and Exploitation of History, Religion, and Economics CSIS Briefs. https://csis-website-prod.s3.amazonaws.com/s3fs-public/publication/190514_ConleyandMelino_RussianInfluence_layout_v2.pdf
[5] https://www.istinomer.rs/analize/korac-vucic-se-oseca-jacim-posle-pobede-opozicije-u-crnoj-gori/
[6] https://ba.n1info.com/vijesti/marija-zaharova-srpski-svijet-je-humanitarni-koncept/
[7] https://www.dnevnik.ba/teme/modernizacija-naoruzanja-srbija-postaje-baza-za-rusko-kineski-pohod-na-zapad
*Мислењата напишани во овој текст се авторски и нужно не ја претставуваат уредувачката политика на Агенција Анадолија.
news_share_descriptionsubscription_contact
