Abdula Berisha
26 Ноември 2019•Ажурирај: 28 Ноември 2019
ТИРАНА (АА) - Министерката за одбрана на Албанија, Олта Џачка, на прес конференција рече дека операциите за пребарување и спасување продолжуваат и дека приоритет на властите е „спасување на секој живот што може да се спаси“, јавува Агенција Анадолија (AA).
Министерката Џачка истакна дека не е можно да се состави детална слика за штетите во овој момент, бидејќи како што истакна таа, ова е најсилниот земјотрес што ја погоди Албанија во последните 40 години.
„Ова беше најсилниот земјотрес што нашата земја го доживеа од 1979 година и утрешниот удар беше проследен од 250 последователни потреси, кои според сеизмолозите се очекува да продолжат, се надевам со помал интензитет каков што е трендот, сè до стабилизирање на тектонските плочи“, рече Џачка.
Таа истакна дека досега е пријавено дека 21 лице загинало како резултат на колапсот на зградите, нагласувајќи дека преостанува официјално да се потврди овој биланс од релевантните здравствени структури.
„Во пропаднатите згради се работи на пребарување и спасување, бидејќи голем број граѓани се уште се блокирани, додека за некои други нема извештаи дали се наоѓале или не во живеалишта во времето на земјотресите. Благодарение на интервенцијата на специјализираните екипи, 45 лица беа спасени преку извлекување од остатоците и преку нивно испраќање на лекарска помош“, рече Џачка.
- „Најдобрите експерти за вонредни состојби од Турција покрај албанските тимови“
Министерката за одбрана исто така рече дека илјадници припадници на вооружените сили, државната полиција, општинските противпожарни екипи, десетици медицински екипи и бројни граѓани се распоредени на теренот и се во целосна готовност. Таа додаде дека голема помош има и од други земји.
„Веќе неколку часа, на нашите спасувачки екипи, кои работат без престанок во Драч и Туман, им се придружија на над 200 припадници, најдобри експерти за итни цивилни случаи од Италија, Грција, Франција, Турција, Хрватска, Косово, Црна Гора и Романија“, рече Џачка, додавајќи дека САД, преку Регионалната канцеларија за помош при природни непогоди, исто така, ќе помогнат за теренските потреби.
Таа исто така рече дека во близина на стадионот во Драч и спортското игралиште во Туман, започнало подигањето на 300 шатори на кои ќе се сместат околу 1.000 жители, а на располагање е и Домот за одмор на Армијата во Драч со капацитет од 200 лица.
Во моментов, министерката за одбрана рече дека има 90 спортски сали во Тирана, Драч, Круја и Лежа кои се прилагодени за сместување на семејствата кои ги изгубиле своите домови.
Денес, Албанија беше погодена од два силни земјотреси, со епицентар во Драч во 3:55 часот со јачина од 6,3 степени на длабочина од 10 километри и подоцна со јачина од 5 степени кај ’Ртот Родон.