Ivana Ramadanova
17 Јануари 2018•Ажурирај: 18 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Стопанската Комора на северозападна Македонија (СКЗМ) денеска во Скопје организираше форум со претставници на бизнисите од Албанија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според претседателот на Комората, Неиб Хоџа, туризмот, градежништвото и земјоделието се секторите кои имаат најголем потенцијал за понатамошно интензивирање на соработката помеѓу македонките и албанските компании, потенцирајќи дека најголема пречка сѐ уште претставува инфраструктурата.
„Ние знаеме дека албанското пристаниште во Драч е на многу блиска оддалеченост, меѓутоа во услови кога нема железничка инфраструктура, нормално дека цените за транспорт се многу високи и не можат да бидат конкурентни на другите пристаништа. Исто е и со автопатот Скопје-Тирана. За должина од 160 километри се патува дури пет часа. Токму поради тоа, компаниите често отвораат претставништва во пограничните зони“, изјави претседателот Хоџа.
Тој потенцираше дека трговската размена меѓу двете земји изнесува 100 милиони евра.
„Денеска ќе разговараме и дебатираме за можностите кои ни се пружаат, а како компании ние сме заинтересирани за подобра соработка, подобра инфраструктура. Трговската размена помеѓу Македонија и Албанија не е на задоволувачко ниво, меѓутоа сметаме дека со вакви организирани форуми и соработка меѓу компаниите ќе можеме да реализираме дел од можностите кои ни се пружаат во врска со инвестициите во нашите економски зони и во другите области од економијата“, истакна Хоџа.
На бизнис-форумот кој го организира Стопанската Комора на северозападна Македонија (СКЗМ), учествуваат околу 20 компании од Албанија кои работат и со САД.