Senada Ibraimova
08 Март 2017•Ажурирај: 09 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС), денес, по повод 8. Март, Меѓународниот ден на жената , одржа прес-конференција со цел да го насочи вниманието на јазот во еднаквоста на платите меѓу мажите и жените, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на прес-конференцијата на КСС е да испрати порака до јавноста, до сопствениците и до менаџерите на македонските компании дека платата треба да биде резултат само на трудот, независно од полот.
„Не треба да има полова дискриминација при вработувањето, сите треба да имаат еднакви шанси, а само вредноста на вложениот труд треба да биде основа за детерминирање на платите“, велат од КСС.
Генералниот секретар на КСС, Зоран Антовски им порача на работодавачите да ги земат предвид образовните квалификации и професионалните вештини на кандидатот како критериум за вработување.
„Сакаме да ги потсетиме приватниот сектор и македонските компании дека при вработувањето треба да гледаат на квалитетот, а не на квантитетот, треба да ја гледаат способноста на човекот, а не родовата нееднаквост. Односно треба добро внимание и на самите жени“, истакна Антовски.
Според Даниела Јаневска, претставник на секцијата на жени на КСС, разликата во платите меѓу мажите и жените е една од најмерливите фази на дискриминација. Таа смета дека еднаквоста во платите е еден од основните чекори за постигнување поголема еднаквост во општеството.
„Според последните податоци што се објавени, жените заработуваат за 12,5% помалку во однос на мажите, што значи, ако на годишно ниво тоа го искалкулираме, жената 33 дена во годината е неефективно платена“, рече Јаневска упатувајќи апел до работодавачите дека платата треба да биде резултат на трудот, и само на трудот, независно од полот.
Од КСС исто така информираа дека, според Светскиот економски форум, Македонија е рангирана на 73. место од 144 држави за постоење јаз меѓу мажите и жените.
Настанот е поддржан од проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“, кој го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот, како дел од промотивната кампања на синдикатите.
Инаку, со низа манифестации и трибини посветени на жената, денес во Македонија се одбележува Меѓународниот ден на жената – 8. Март.