Övünç Kutlu
09 Март 2017•Ажурирај: 11 Март 2017
ХЈУСТОН (АА) - Турција оваа година ќе започне истражувања за можни ресурси на нафта и природен гас во Средоземното и во Црното Море, истакна турскиот министер за енергија и природни ресурси, Берат Албајрак, јавува Anadolu Agency (AA).
„Оваа година ќе преземеме чекори за истражување и ќе започнеме со дупчења во Црното Море и во Средоземното Море“, изјави за АА турскиот министер на Конференцијата за енергетика ИХС „Недела на ЦЕРА“ 2017 (IHS CERAWeek) во Хјустон.
„По истражувачките активности на нашиот прв истражувачки брод ‘Барбарос Хајретин Паша’, нашиот втор брод активно ќе спроведе 2Д и 3Д геолошки истражувања во двете мориња“, додаде тој.
Бродот „Барбарос Хајретин Паша“ започна со истражување на ресурсите со нафта и природен гас пред две години, во близина на брегот на Кипар, но неговите активности беа прекинати во март 2015 година, со зголемувањето на тензиите меѓу администрацијата на кипарските Грци и владата на кипарските Турци околу сопственичкото право над ресурсите.
Турската Република Северен Кипар соопшти дека ресурсите на островот припаѓаат на двете заедници.
Албајрак истакна дека повеќе од 60 отсто од резервите на нафта и природен гас во светот се наоѓаат во регионот на Турција и дека земјата влегува во нова ера за реализација на нови инвестиции преку преземање значајни чекори во енергетскиот сектор.
„Како најстабилна и најсилна земја во регионот, која е опкружена со богати извори на енергија, Турција ќе продолжи да работи решително и поинтензивно во наредниот период“, рече тој.
Албајрак посочи дека Турција има направено значителни инвестиции во последните години, во однос на складирањето на природниот гас и диверзификацијата на енергетските извори, и истакна дека турското Министерство за енергетика неодамна ги забрза истражувањата за ресурсите на нафта и гас.
- Странските инвеститори заинтересирани за инвестирање во Турција -
Министерот Албајрак истакна дека за време на конференцијата одржал плодни разговори со различни субјекти, и додаде дека инвеститорите имаат голем интерес за Турција.
Албајрак ја истакна важноста на Неделата на ЦЕРА во обезбедувањето можности за учесниците во конференцијата, можност за дискутирање и формулирање на политики меѓу глобалните енергетски компании, држави и министри секоја година.
„Имавме многу одлучувачки разговори. На нашите средби имавме долготраен дијалог со странските и со локални актери (на полето на енергијата), и дадовме оцена за клучни теми за енергетската политика во нашиот регион“, рече министерот.
„Разменивме значајни мислења за позицијата на Турција во регионот, а одржавме и разговори за материјализација на различни инвестиции во енергетскиот сектор во Турција“, истакна на крајот турскиот министер Албајрак.