Bekim Laci
22 Ноември 2017•Ажурирај: 23 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Конфедерацијата на италијанската индустрија (Confindustria) денес во Скопје го промовираше нејзиното претставништво отворено во Македонија, со цел да се претвори во регистар во којшто италијанските претприемачи ќе можат да бараат бизнис партнер во Македонија преку кој ќе ја продолжат својата деловна активност, јавува Anadolu Agency (AA).
Вицепремиерот на Македонија задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, во своето обраќање пред присутните истакна дека Италија е шестиот партнер на Македонија во однос на економската соработка, со вкупно 367 милиони евра трговска размена на годишно ниво, и додаде дека во првите девет месеци од оваа година, трговската размена забележи пораст од 6,6 отсто, додека извозот на Македонија во Италија во овој период забележи пораст од 7,7 отсто.
Тој ги охрабри италијанските претприемачи да дојдат во Македонија и одблиску да ги видат новите мерки на владата претставени на сите меѓународни и домашни институции, кои до крајот на месецот ќе се претворат во официјална владина политика.
„Секоја странска инвестиција, на која било локација, но која ќе биде 'гринфилд', ќе има даночно олеснување, поконкретно, нула данок на добивка во првите десет години, нула персонален данок во првите десет години, додека тие што ќе бидат на зона без царина ќе имаат нула ДДВ и царина во првите десет години“, рече Анѓушев презентирајќи ги новите мерки на владата.
„Покрај ова“, вели Анѓушев, „за секоја направена инвестиција, Владата ќе врати 10 отсто од инвестицијата, и ако истата компанија биде извозно ориентирана, ќе има и дополнителни 10 отсто, или вкупно 20 отсто.
Олеснувања ќе има и во делот на вработувањата, но не преку финансиите за создавање работни места, како што било досега, туку преку финансирање на месечната плата ако таа е повисока од 300 евра, со што 20 отсто ќе биде финансирана од страна на државата.
„Ова е добро за стручните кадри за кои имаме цел да ги задржиме во државата, и ако работодавачот платил 500 евра, ние го стимулираме да плати 600 евра месечна плата“, нагласи Анѓушев.
Италијанскиот амбасадор во Скопје, Карло Ромео, информираше дека Конфедерацијата на италијанска индустрија има околу 150 илјади членови од сите големини, со централно седиште во Рим, а вборјува 241 територијална канцеларија и здруженија, на тој начин обезбедувајќи ја централната улога на компаниите како еден поттикнувач на економскиот и социјалниот развој.
Од 1958 година, Конфедерацијата има постојано седиште во Брисел, со цел да ги претстави италијанските компании пред европските институции.