Bayram Altuğ,Bahattin Gönültaş
22 Јануари 2019•Ажурирај: 22 Јануари 2019
ДАВОС (АА) – Во Давос, Швајцарија, започна 49. Светски економски форум. Светскиот економски форум (WEF), на кој ќе присуствуваат највлијателните политички лидери и бизнисмени на светот, оваа година ќе започне со главната тема „Глобализација 4: Во ерата на четвртата индустриска револуција обликување на глобалната структура“, јавува Anadolu Agency (AA).
На Самитот присуствуваат повеќе од 3.000 бизнисмени, политичари, академици и невладини организации од 110 земји, а ќе се одржат повеќе од 350 сесии. Политичарите и бизнис-лидерите кои учествуваат на Самитот во Давос ќе разговараат за поинклузивната глобализација.
Глобализацијата, менталното здравје, климатските промени, забавувањето на растот на глобалната економија во светот и во Кина, трговските војни, кризата во Јемен и Сирија, растот на популизмот, проблемот со миграцијата, борбата против сиромаштијата, излегувањето на Англија од Европската Унија (процесот Брегзит), напредокот во технологијата, трансформирањето на општествата со брзиот развој во областа на медицината, менталното здравје, развојот на роботиката, вештачката интелигенција и дигитализацијата ќе бидат меѓу главните теми на Самитот.
На состаноците ќе се дискутира за важноста на меѓународната соработка за глобализацијата да биде инклузивна.
Лидерите на земјите членки на Советот за безбедност на ОН нема да учествуваат на 49. Светски економски форум. Внимание привлече тоа што нема да учествуваат претседателите и премиерите на петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации: САД, Велика Британија, Франција, Кина и Русија.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека нема да учествува во Самитот во Давос поради привремената буџетска криза поради која се блокираше работата на американската Влада.
И премиерката на Обединетото Кралство, Тереза Меј, нема да учествува. Таа истакна дека ќе започне забрзано преговори со опозициските партии, граѓанското општество, бизнис-заедницата и синдикатите за да се создаде алтернатива на Договорот за Брегзит кој беше одбиен во Парламентот.
Поради продолжувањето на протестите на „Жолтите елеци“ и францускиот претседател Емануел Макрон нема да учествува на Самитот.
На Самитот ќе учествуваат претседатели и премиери на 60 земји. Меѓу нив на преден план ќе бидат германската канцеларка Ангела Меркел; претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро; авганистанскиот претседател Ашраф Гани; ирачкиот претседател Берхем Салих; премиерот на Нов Зеланд, Џасинда Ардем; премиерот на Јапонија, Шинзо Абе; претседателот на Перу, Пол Кагаме; холандскиот премиер Марк Руте; премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху; заменик-претседателот на Кина, Ванг Кишан и наследникот на војводата од Кембриџ, кралскиот престолонаследник, принцот Вилијам.
Се очекува високите преставници на мултинационалните компании на Самитот да бараат нови пазари. Основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, ќе се обрати на Форумот фокусиран на финансиските иновации за глобалното здравје.
Кристин Лагард, претседателот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ќе се обрати на неколку панел-дискусии.
Меѓу учесниците се наоѓаат и поранешниот американски претседател Ал Гор, американскиот магионичар Давид Блејн, англискиот професор Тим Бернерс-Ли, кој пред 30 години го подобри програмскиот јазик HTML и креаторот на World Wide Web и извршен директор на „Убер“, Дара Косровшахи.
Меѓу учесниците на Светскиот економски форум е и премиерот на Република Македонија Зоран Заев, кој во Давос оди во придружба на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши.
Како што информираа од Владата, премиерот Заев ќе оствари средби со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, како и со комесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан.
- Од Турција ќе учествуваат двајца министри
На Самитот во Давос од Турција ќе учествуваат министерот за финансии, Берат Албајрак и министерот за трговија, Рухсар Пекџан. Албајрак и Пекџан, покрај учеството на седниците, ќе се сретнат и со водечките деловни луѓе во светот. Исто така, на Самитот, како и секоја година ќе присуствуваат водечките имиња во светот на бизнисот во Турција.