Zeynep Beyza Kılıç
03 Март 2022•Ажурирај: 04 Март 2022
АНКАРА (АА) ‒ Војната помеѓу Русија и Украина денеска предизвика големо покачување на цените на нафтата откако се зголемија стравувањата од прекин во снабдувањето.
Меѓународните референтни цени на суровата нафта „Брент“ тргуваа до 117,01 долар по барел ‒ највисокото ниво во последните девет години ‒ во 05:56 според GMT (Средно време по Гринич), со пораст од 3,64 проценти по затворањето на претходната сесија на 112,90 по барел.
Американската референтна вредност, позната како „Вест Тексас интермедиејт“ (WTI) во исто време тргуваше со 114,50 по барел, со пораст од 3,53 проценти по затворањето на претходната сесија на 110,60 долари по барел.
По една недела откако Русија ја објави воената операција во источна Украина, „Брент“ се искачи на 117 долари, со пораст од 19,3 отсто, од околу 98 долари по барел на 24 февруари.
Зголемувањето на цените на нафтата е поттикнато од новите санкции воведени од западните земји против Русија, како и од можните контрасанкции од страна на Русија, што ја зголемува загриженоста за прекини во снабдувањето.
Неколку западни енергетски компании се повлекоа од учеството во руските проекти за нафта и гас од почетокот на војната.
„Ексон мобил“, „бп“, „Шел“ и Еквинор“ ги најавија своите планови за излез од заедничките вложувања и проекти во Русија, а „ТоталЕнерџис“, исто така одлучи повеќе да не инвестира во нови проекти во земјата.
Податоците на Управата за енергетски информации покажуваат пад од 0,6 проценти на комерцијалните залихи на сурова нафта во САД за неделата која заврши на 25 февруари, што дополнително ја потхранува загриженоста за намаленото снабдување.
Залихите паднаа за 2,6 милиони барели на 413,4 милиони барели споредбено со очекувањата на пазарот за пораст од 2,8 милиони барели.
Во меѓувреме, 23 членки на Организација на земји извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, вклучително и Русија, познати како ОПЕК +, во средата се согласија да се придржуваат до досегашниот план за зголемување на производството за 400.000 барели на ден (bpd) до април.
Организацијата ОПЕК + вели дека пазарот е доволно снабден за да се задоволи побарувачката, иако одлуката не помогна во запирањето на цените, при што нафтата достигна 113,93 проценти по барел само до крајот на состанокот.