Bahattin Gönültaş
26 Јануари 2022•Ажурирај: 27 Јануари 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија од 18 до 20 мај ќе биде домаќин на главното финансиско заседание на групата Г-7, која се состои од седумте најразвиени индустриски земји во светот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Германскиот министер за финансии, Кристијан Линднер, во изјава за „Рајнише пост“ потсети дека Германија на 1 јануари го презела едногодишното претседавање со групата Г-7.
„Меѓутоа, предизвиците се особено големи оваа година. Сведоци сме на раст на инфлацијата и долгот. Земјите од Г-7 имаат посебна улога во воспоставувањето стабилност. Мора да обрнеме внимание на одржливите јавни финансии на национално и на меѓународно ниво“, рече Линднер.
Тој истакна дека финансиската стабилност е клучна за поттикнување на инвестициите и иновациите.
„Тоа е единствениот начин преку кој можеме да излеземе од глобалната криза и да ги исполниме идните задачи во областа на заштитата на околината и областа на дигитализацијата“, изјави Линднер.
Главниот финансиски состанок на Г-7 треба да се одржи од 18 до 20 мај во градот Конигсвинтер, во близина на Бон.
Групата Г-7 е името на советодавниот форум на седумте најважни индустриски земји во светот. Таа е составена од претседатели или влади на САД, Канада, Јапонија, Германија, Италија, Франција и Велика Британија.