Nazlı Yüzbaşıoğlu
23 Ноември 2021•Ажурирај: 24 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Одлуките за одобрување на Договорот меѓу Турција и Северна Македонија за ветеринарни услуги и безбедност на храната и Меморандумот за разбирање потпишан во областа на шумарството се објавени во Службениот весник на Турција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Одлуката за одобрување на „Договорот за соработка меѓу Владата на Република Турција и Владата на Република Северна Македонија во областа на политиките на ветеринарните услуги и безбедноста на храната“, потпишан во Анкара на 20 јануари, има за цел да ја олесни трговијата со добиток, храна, ветеринарни медицински производи, добиточна храна и да спречи влез на заразни болести на животните во двете земји.
Според тоа, увозот и транзитниот премин на пратките на храна, животни, ветеринарни медицински производи и добиточна храна меѓу двете земји може да се врши само ако се почитуваат одредбите за ветеринарна и безбедност на храната и добиточната храна на земјата увозник, што се загарантирани со сертификатот издаден од надлежните органи на земјата извозник.
Договорот опфаќа прашања, како што се ветеринарните здравствени сертификати што ќе треба да се објавуваат на турски, македонски и англиски јазик, соработка на ветеринарните служби и безбедност на храната и чекори што треба да се преземат во случај на откривање заразни болести кај животните.
- Соработка со Северна Македонија во областа на шумарството -
Исто така во Службениот весник на Турција е објавена и одлуката за одобрување на „Меморандумот за разбирање меѓу Владата на Република Турција и Владата на Република Северна Македонија за соработка во областа на шумарството“, потпишан во Анкара на 20 јануари 2021 година.
Соодветно на Меморандумот, двете земји за заштита, развој и управување со шумските ресурси ќе соработуваат преку споделување знаење, искуство и технологија врз основа на принципот на еднаквост, реципроцитет и заемна корист, и во согласност со домашните законски правила и законодавство.
Соработката меѓу Турција и Северна Македонија на ова поле опфаќа одржливо управување со шумите, техники на шумарство и берба, индустрија за шумски производи, можности за продажба и маркетинг, вреднување на шумските услуги, зелена економија, производство на огревно дрво и ефикасно производство на чиста енергија од дрво.
Покрај тоа, двете земји ќе соработуваат за прашања како што се зголемување на придобивките од шумите, екотуризмот, задржувањето на водата и заштитата на почвата, борбата против шумските пожари, болестите, инсектите и незаконското сечење и заштитата на биолошката разновидност.
Според Меморандумот за разбирање, меѓу двете земји ќе биде формиран заеднички комитет што ќе одржува редовни состаноци најмалку еднаш годишно за да ги реализира активностите поврзани со овие прашања.