Ata Ufuk Şeker
01 Август 2022•Ажурирај: 05 Август 2022
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) обезбеди 1 милијарда евра макрофинансиска поддршка за Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на својот профил на социјалните мрежи се осврна на макрофинансиската помош подготвена за помош на украинската економија.
„Обезбедивме 500 милиони евра дополнителна макрофинансиска помош за Украина“, рече Фон дер Лајен и додаде дека утре ќе испратат уште 500 милиони евра во Украина.
„Оваа помош од милијарда евра ќе ѝ помогне на Украина да ги исполни своите итни финансиски потреби и да ја зајакне земјата“, нагласи Фон дер Лајен.
Претседателката на Европската комисија во јуни најави дека ЕУ ќе ѝ даде нова поддршка на Украина, а во оваа рамка се подготвуваат во текот на 2022 година да обезбедат нова макрофинансиска помош до 9 милијарди евра.
Со последната поддршка, вкупниот износ на макрофинансиска поддршка што ЕУ ја обезбеди за Украина од почетокот на руско-украинската војна достигна 2,2 милијарди евра.
ЕУ може да обезбедува макрофинансиска поддршка на земјите во нејзина непосредна близина во време на економска криза.
Финансиската помош на ЕУ вклучува поповолни услови за плаќање од заемите што земјата вообичаено може да ги добие од пазарите.