Bahattin Gönültaş
07 Февруари 2022•Ажурирај: 08 Февруари 2022
БЕРЛИН
Институтот за светска економија „Кил“ (IfW), еден од водечките економски институти во Германија, соопшти дека глобалната трговија со стоки се зголемила во јануари и го надминала нивото пред епидемијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Институтот за светска економија „Кил“ (IfW) ја објави својата анализа за глобалната трговија со стоки.
Во анализата се наведува дека глобалната трговија со стоки се предвидува да се зголеми за 2,4 отсто во јануари и покрај зголемениот број случаи на Ковид-19 и тековните тесни грла за снабдување во светот.
Исто така се нагласува дека глобалната трговија сега го надминала нивото пред епидемијата.
„Во моментов, околу 11 отсто од сите стоки што се испраќаат низ светот се погодени од сообраќаен метеж, а околу 11 отсто помалку стока се транспортира во Црвеното Море од вообичаеното“, се вели во анализата.
Во показателот за глобалната трговија, кинескиот јануарски извоз (номинален, сезонски приспособен) во однос на претходниот месец се намалил за 0,3 отсто, а увозот за 2,8 проценти, додека за САД има пораст на извозот од 3,6 проценти и намалување на увозот за 1,6 проценти.
Исто така се нагласува дека извозот се очекува да се зголеми за 1,2 отсто во Германија и за 0,6 отсто во ЕУ во јануари.
Винсент Стамер, еден од истражувачите на Институтот за светска економија „Кил“ (IfW), истакнувајќи дека строгата политика на Пекинг за Ковид-19 е закана за локалната економија, рече: „Постои голем ризик тоа да влијае и на трговијата во Европа доколку продолжат проблемите во пристаништата.“
Нагласувајќи дека глобалната трговија е посилна од кога било и покрај бранот на епидемијата со Омикрон, Стамер рече: „Затоа, тековните тесни грла се резултат на екстремно брзиот пораст на побарувачката, а понудата не може да го исполни.“