Senada Ibraimova
26 Октомври 2016•Ажурирај: 26 Октомври 2016
БИТОЛА (АА) - Денес во Битола започна меѓународната конференција „Унапредување на економскиот развој во пелагонискиот плански регион“, на која ќе бидат претставени можностите за инвестирање, бизнис сектори, и ќе се одржат Б2Б средби на компании од регионите на Пелагонија и Измир, јавува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата учествуваат претставници од економскиот и бизнис сектор од Македонија, како и голем број претставници на фирми од Македонија и од Турција.
По свеченото отворање на конференцијата и кратките обраќања на постојаниот координатор на ОН и постојан претставник на УНДП, Луиза Винтон, министерот за странски инвестиции, Џери Наумов, министерот за локална самоуправа, Ширет Елези, претседателот на Советот за развој на пелагониски плански регион, Ѓоко Стрезовски, свое излагање со презентација ќе имаат повеќе претставници на регионалните стопански комори, меѓу кои и економскиот промотор на Македонија во Измир, Алев Сулејман. Тој во својата презентација ќе се осврне на можностите за инвестирање во Република Македонија.
По презентациите на претставниците на регионалните стопански комори и бизнис сектори, ќе биде претставен и бизнис секторот од Измир, Турција.
По излагањата на презентерите, ќе се одржат Б2Б средби на компании од регионите на Пелагонија и Измир.
На оваа конференција учествуваат голем број компании од различни области од регионот на Измир.