Bahattin Gönültaş
10 Јануари 2022•Ажурирај: 12 Јануари 2022
БЕРЛИН
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) истакна дека економиите во развој треба да се подготват за зголемување на каматните стапки на Федералните резерви на САД (Fed), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Директорите на ММФ, Стефан Данингер, Кенет Канг и Хелен Поирсон напишаа заеднички блог-напис за заострувањето на монетарната политика од страна на Фед.
Во написот наведено е дека итните потези на Фед би можеле да ги потресат финансиските пазари, предизвикувајќи одлив на капитал во странство и намалување на вредноста на валутата.
Исто така се нагласува дека се очекува продолжување на економскиот раст на САД и умерено намалување на инфлацијата во следните месеци од годината.
Меѓу другото, се посочува дека постепеното заострување на монетарната политика во САД ќе има мал ефект врз пазарите во развој, укажувајќи на ризиците за економиите во развој од итното зголемување на каматната стапка на Фед и од зголемувањето на случаите со Ковид-19.
„Економиите во развој треба да се подготват за можни економски турбуленции“, се нагласува во написот.
„Побрзото зголемување на каматните стапки на Фед може да ги разниша финансиските пазари и да ги заостри финансиските услови на глобално ниво“, се вели во написот и се додава: „Овие случувања може да предизвикаат забавување на побарувачката и трговијата во САД. Во исто време, тоа може да доведе до одлив на капитал од пазарите во развој и губење на вредноста на валутата.“