Ekipa
25 Септември 2019•Ажурирај: 26 Септември 2019
АДИС АБЕБА (АА) - Во Западна Африка, поточно во Нигерија и Гана кои имаат најголеми економии, јазот меѓу приходите и богатството продолжува да се зголемува, пренесува Anadolu Agency (AA).
На семинарот на тема „Нееднаквоста во Африка“, кој се одржува во Адис Абеба, главниот град на Етиопија, во организација на Економската комисија на Обединетите нации за Африка (UNECA) и добротворната организација ОКСФАМ (OXFAM) се истакна дека нееднаквоста во Западна Африка достигна до критично ниво.
Во извештајот насловен како „Западна Африка криза на нееднаквост“, презентиран од советникот на ОКСФАМ за регионална програма за Западна Африка, се посочува дека покрај брзиот раст на регионот нема напредок во однос на затворање на јазот помеѓу нееднаквоста на приходите.
Според извештајот, имотот на богатите лица од Западна Африка кои се само 1 процент од населението, е поголем од вкупното богатство на сите други луѓе во регионот. Една од земјите со најголема нееднаквост на приходите во регионот е Нигерија која има богати нафтени ресурси.
Кога најбогатиот човек во Нигерија би трошел 1 милион долари на ден, би му биле потребни околу 46 години за да го потроши целото негово богатство.
Богатството на најбогатите 5 Нигеријци во земјата изнесува 29,9 милијарди американски долари, повеќе од буџетот на Владата за 2017 година.
Директорот на Економската комисија на Обединетите нации за Африка, Адам Елхираика, во своето излагање, истакнувајќи дека високото ниво на нееднаквост на континентот е сериозен проблем, додаде: „Нееднаквоста може да создаде политичка и социјална нестабилност на континентот.“
ОКСФАМ, во претходниот извештај соопшти дека богатството на само тројца милијардери во Африка е поголемо од вкупното богатство на околу 650 милиони луѓе.