Abdula Berisha
10 Септември 2019•Ажурирај: 11 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, учествуваше на презентацијата на резултатите од Проектот за развој на руралната инфраструктура, поддржан од Европската Унија (ЕУ) и Светската банка, јавува Anadolu Agency (AA).
Во својот говор Заев рече дека со успешно спроведување на проектите од ИПА-фондовите, подобрени се условите за живеење и во руралните средини.
„Со овој проект реализирани се 135 потпроекти во 78 општини на ниво на цела држава, преку проектот за подобрување на општинските услуги МСИП, финансиран со заем од Светската банка. Вкупната вредност на проектите изнесува 1,3 милијарда денари, од кои 1,2 милијарда денари се средства кои беа обезбедени со грант на ИПА, додека 97 милиони денари се општинско кофинансирање“, рече Заев.
Спроведените проекти главно се однесуваат на изградба на патишта, училишта, градинки, водоснабдување, канализација и други инфраструктурни инвестиции во руралните средини.
Марко Мантованели, директор на канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија, во својот говор рече дека институцијата што ја претставува е партнер на земјата повеќе од 10 години.
„Партнерството првично беше, и сè уште е, со Министерството за финансии и градоначалниците преку разни финансирања на Светска банка. Во првата фаза, во рамките на проектот за подобрување на општинските услуги, 78 милиони американски долари ќе го завршат финансирањето во март и ќе достигнат до 57 општини“, рече Мантованели.
На настанот свои говори имаа и министерката за финансии, Нина Ангеловска и претставникот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар, а присуствуваа и голем број градоначалници.
Пред презентацијата премиерот Заев одговори на новинарски прашања, потврдувајќи дека подоцна во текот на денот ќе се сретне со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тема на средбата се очекува да биде Законот за Основното јавно обвинителство, за кој работни групи на двете најголеми политички партии преговараа во последните неколку дена.
Заев рече дека несогласувањата не се непремостливи, додавајќи дека очекува одговорно однесување.