Arife Yıldız Ünal
25 Април 2019•Ажурирај: 26 Април 2019
АНКАРА (АА) - Минатата година во Република Северна Македонија на мобилен телефон се разговарало во просек 316 минути на месечно ниво. Рекордер во Европа, според разговорите на месечно ниво е Турција со 444 минути. Минатата година во Турција е остварен мобилен сообраќај во времетраење од 267,6 милијарди минути, пишува Anadolu Agency (AA).
Според анализата спроведена од АА, врз основа на податоците на Управата за информатичка технологија и комуникација кои се темелат на пазарната потрошувачка, во последниот квартал од минатата година (октомври - декември), вкупниот број на претплатници во Турција изнесува 80,1 милион, а процентот на пенетрација во мобилната телефонија изнесува 99 отсто.
Кога во секторот за електронска комуникација ќе се погледне на вкупната дистрибуција во сообраќајот на фиксните и мобилните оператори, се забележува дека со години постои тенденција на зголемување на мобилниот сообраќај, додека истовремено имаме намалување на сообраќајот во фиксниот сообраќај.
- Во последниот квартал од годината во Турција остварени 67,1 милијарда минути -
Во последниот квартал од минатата година остварен е вкупен мобилен сообраќај од 67,1 милијарда минути. Минатата година во Турција е остварен вкупен мобилен сообраќај од 267,6 милијарди минути. Фиксниот сообраќај во последниот квартал изнесуваше 1,62 милијарда минути, додека на годишно ниво, во 2018 година е остварен сообраќај од 6,7 милијарди минути.
Минатата година, во споредба со претходната, вкупниот сообраќај е зголемен за 4,2 отсто и изнесува 274,3 милијарди минути. Од оваа бројка, 97,6 отсто претставува мобилниот сообраќај.
Во последниот квартал од минатата година (октомври - декември), во однос на третиот квартал (јули - септември) постои намалување во мобилниот сообраќај за 2,7 отсто, додека фиксниот сообраќај е зголемен за 0,6 отсто.
- Во Турција на мобилен се зборуваше двојно повеќе од Европа -
Со просек од 444 минути на месечно ниво, Турција во последниот квартал од 2018 година се најде на првото место меѓу земјите од Европа. Од 2012 година Турција го држи приматот во Европа според мобилните разговори. По нејзе доаѓаат Бугарија со 317 минути, додека Република Северна Македонија има остварено 316 минути мобилен сообраќај на месечно ниво. На четвртото место е Хрватска со 300 минути, по која следува Италија со 261 минута на месечно ниво.
Во Европа мобилните претплатници просечно разговараат 242 минути на месечно ниво.
Вредноста на Просечен приход по корисник (ARPU) за мобилни корисници во 2018 година на месечно ниво во Европа беше 18,15 евра, додека во Турција, тој изнесуваше 5,10 евра.