СКОПЈЕ (АА) – Неизвесната политичка ситуација предизвика сеопшт страв кај граѓаните за економската состојба, а Народната банка на Република Македонија ги коригираше претходните проекции за економски раст од 3,5 отсто на 1,6 отсто, а исто така ја зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,75 отсто, од 3,25 на 4 отсто.
„Одлуката за затегнување на монетарната политика е реакција на зголемената побарувачка на девизи и притисоците врз депозитната база на банките, коишто во целост се последица на влошените очекувања на економските субјекти, предизвикани од нестабилната политичка состојба во земјата", известија од Централната банка.
Оттаму образложуваат дека со тоа, промената на каматната стапка е одговор на делувањето на факторите од неекономска природа. Од друга страна, НБРМ и понатаму ги оценува економските фундаменти како здрави, без присуство на поголеми нерамнотежи во економијата.
Абдулменаф Беџети,член на МАНУ и професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, за предметите од областа на макроекономијата и јавните финансии во разговор за Anadolu Agency (AA) вели дека структуралната криза од пред година дена веќе има одреден, значителен импакт врз економијата во целина, наведувајќи дека сензитивноста на монетарните политики и на финансискиот сектор се одразува на идните очекувања врз основа на кои се покренуваат и одредени реакции.
„Она што беше позитивна страна во такви околности беше реакцијата на Народна банка на Република Македонија со мерките кои ги направи, ја зголеми основната каматна стапка и тоа значително и многу интензивно покачување одеднаш, но целта била да се испрати недвосмислена порака за одлучноста на таа институција за макроекономска стабилизација. Мислам дека добро направија, пред се мислам дека е направено во вистинско време, се разбира пораката беше прифатена, од финансискиот сектор, од комерцијалните банки како и од другите институции”, смета тој.
Меѓу другото, истакнува академик Беџети, шпекулациите дека може да дојде до одредена девалвација и турбуленциите настанати во однос на граѓаните и компаните да ги претворат своите денарски заштеди во девизни за одреден краток период предизвикаа одреден ефект врз финансискиот сектор, но сепак, тој верува дека се уште нема реална основа за поголем страв од негативни ефекти.
„За неколку дена се потрошија неколку десетици милиони евра, односно се конвертираа, така да, од тука тие очекувања, тие тендеции и таа постапка покажува дека нема реални економски причини и индикатори кои наведуваат дека навистина може да дојде до тоа” .
Наведувајќи го ова, академик Беџети потсетува на економските индикатори укажуваат дека за сега не е можно да дојде до еднократна девалвација.
„Првиот индикатор е во однос на платниот биланс се движи некаде околу 2,5 % од БДП, и тоа е најниско ниво во последните 10 години, што значи платно билансната позиција на земјата е релативно стабилна. Друг индикатор е нивото на девизните резерви што државата ги има над 2,3 милијарди евра, доволни, што минимумот е да покриваат целосен тримесечен увоз а ние имаме некаде покриеност од 5 до 5,5 месечен увоз. Овие два индикатори покажуваат дека нема потреба за некоја тревога или вознемиреност за да може да дојде до еднократна девалвација”, уверен е академик Беџети.
Сепак, потсетува дека реакцијата на пазарот на девизи покажа дека има одредена депрецијација на денарот бидејќи како што вели тој, некаде се шпекулираше дури до 62,5 - 62,6 денари, покрај тоа што банките продадоа девизи дури со 61,7 денари.
„Тоа значи дека истовремено доаѓа до разлика до цел еден денар што е огромна разлика на пазарот во еден сегмент на пазарот- менувачници и друг сегмент- банки, така да сето тоа создаде нерационални очекувања од страна на граѓаните и ќе продолжеше многу подлабоко во тоа”, изјавува академик Беџети.
- Ќе се зголемат активните каматни стапки, фактурата ќе ја плати реалниот сектор
Коментирајќи ги преземените мерки на НБРМ, како и корекцијата на проектираниот економски раст, тој наведува дека мерката ќе влијае многу позитивно во делот на стабилизацијата на макроекономската политика но сепак на среден рок, на три и повеќе месеци може трае негативно врз економскиот раст.
„Затоа, не случајно, паралелно на тоа, веднаш, ден потоа, Народната банка ги промени проекциите, од 3,5 на 1,6 отсто, што значи дека растот е корегиран за некаде околу 2 процентни поени, бидејќи дел од тоа очекува и од таа мерка, бидејќи ќе поскапуваат изворите, односно парите, и зависи како ќе реагираат комерцијалните банки, но рационално е да се очекува да се покачуваат активните камати, но истовремено нема да го проследат со покачување на пасивните камати на депозитите”, истакнува Беџети, додавајќи дека тој диспаритет ќе влијае секако на заработувачката на финансискиот сектор на краток рок, но сето тоа е пренесување од реалниот сектор, што доведува до заклучокот дека “фактурата” ќе ја плати реалниот сектор.
- Испреплетеноста на политиката и економијата
Политиката и економијата се во директна корелација, затоа не може да се занемарат случувањата во политичката сфера, за што академик Беџети предувпредува дека доколку „продолжи ваквото хаотично однесување на институциите и без одредување на друг датум на избори, односно конечност на оваа турбуленција, секако дека тоа ќе има големо влијание врз влошување на економската состојба за што ќе има посебна 'фактура' “, но без конкретно прецизирање кои сектори и на кој начин навеќе ќе бидат погодени, сметајќи дека треба да се почека развојот на настаните.
„Во секој случај реалниот сектор ќе потрфли, од друга страна фискалниот сектор ќе ја плати најскапата цена, затоа што државата ќе има потреба се повеќе да троши, а наплатата на даноците е се пониска. Тој диспаритет што ќе се појави секако дека ќе ја влоши и онака влошената рамка, односно фискалниот простор кој веќе е исторешен затоа нема можност за одредени реакции”, објаснува академик Беџети, како најкритична точка сега и во иднина сметајќи го фискалниот неврамнотежен биланс и фискалната неконсолидација. Осврнувајќи се на идните очекувања и импликации од политичките случувања, академик Беџети потсетува дека во економијата влијаат и очекувањата, а не само економските фактори.
„Не влијаат само економските фактори, секогаш има и други неекономски фактори од кластерот на политичко-демократски фактори и не случајно се овие корекции”.
Сепак, академик Беџети е со став дека на краток рок нема потреба од тревога, при тоа повикувајќи ги политичките елити на поодговорно однесување.
„На краток рок до три месеци, нема потреба од тревога, но зависи динамиката од кризата и како ќе се одвиваат работите понатаму. Но ако се одвиваат договорените нешта нема потреба за тревога и ќе се смират тензиите, но политичките партии мора да се однесуваат поодговорно”, заклучува академик Беџети.