Bekim Laci
27 Април 2017•Ажурирај: 28 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) на средбата со стопанствениците од регионот на Скопје, во рамките на Караванот на комората ги разгледува проблемите со кои се соочуваат претприемачите во својата економска активност, при што беше истакнато дека политичката криза во која се наоѓа државата сериозно влијае врз бизнисот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во изјава пред средбата со бизнисмените од регионот на Скопје, претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа, рече дека караванот оваа година малку побрза поради политичката криза во земјата, која резултираше со економска стагнација, а како резултат на тоа, тие се принудени да одржат средби со бизнисмените на коишто ќе ги слушаат нивните проблеми за подоцна да ги пренесат кај надлежните институции.
„Бизнисот е предизвик сам по себе, но кога имаме политичка криза, ова е уште потешко, бидејќи секоја идеја за нова инвестиција се соочува со проблем да се постигне крајната цел“, вели Хоџа.
Во меѓувреме, бизнисмените истакнаа некои од специфичните проблеми со кои се соочуваат во ова време на политичка криза.
Неџат Шаини, претставник на бизнис секторот во економската зона во Визбегово, Скопје, истакна дека во моментов се соочуваат со нагласена стагнација во прометот на истата стока и во обезбедувањето на потребната документација за работа, бидејќи, како што рече, надлежните институции не ја вршат својата работа.
„За еден превозник кој инвестира 100 илјади евра, се бара преку Комората да интервенираме кај министерот за да се добие дозвола за хомологација, којашто е едноставен документ. Значи, станува збор за конкретен случај на член на СКСЗМ, кој бара помош од нас, бидејќи не може да го употреби своето возило поради еден документ што не му го даваат“, вели Шаини.
Тој исто така се жалеше и за казните, за кои рече дека се парадоксални, затоа што понекогаш ја надминуваат вредноста на превозното средство, бидејќи се казнува возачот, шефот на компанијата и самата компанија, што е случај што не е забележан во друга земја во светот.
На денешната седница, освен што ќе се разговара за проблемите со кои се соочуваат стопанствениците во своето работење, исто така ќе се претстави годишниот и финансискиот извештај од минатата година, годишниот и финансискиот план за 2017 година, услугите што ги нуди СКСЗМ, ќе се претстават нови проекти каде што е вклучена Комората, а се однесуваат на подобрувањето на економската клима во земјата за бизнисите, и проектите кои се реализирани досега.