БРИСЕЛ (АА)
- Ата УФУК ШЕКЕР
Европската Унија (ЕУ) од утре кон најголемите светски технолошки компании како Гугл, Фејсбук и Јутуб, кои имаат многу корисници, ќе почне да ги применува своите нови строги правила, како што се спречување дезинформации и брзо отстранување на нелегалните содржини, пишува Анадолу.
Според Законот за дигитални услуги на Европската Унија (DSA), големите дигитални платформи, интернет-пребарувачи и сајтовите за пазарење кои делуваат во европските земји, ќе бидат предмет на построги правила од 25 август.
Законот, што се очекува драстично да го смени начинот на работа на технолошките компании, во оваа фаза ги опфаќа многу големите дигитални платформи кои имаат повеќе од 45 милиони корисници во европските земји.
Како резултат на истражувањата во врска со бројката на корисници од ЕУ, Алибаба, Амазон, Елп апстор, Букинг, Фејсбук, Гугл плеј, Гугл мапс, Гугл шопинг, Инстаграм, Линкдин, Пинтерест, Снепчет, Тикток, X (порано Твитер), Википедија, Јутуб и Заландо се класифицирани како многу големи онлајн платформи, а Бинг и Гугл како многу големи пребарувачи.
Од 19-те наведени платформи се бара да спроведат дополнителни правила, како што се ограничување на дезинформациите, брзо отстранување на нелегалните содржини, подобра заштита на малолетниците на интернет, спроведување проценки на ризик, преземање чекори за ублажување на ризиците и нивно подложување на надворешна ревизија.
Почнувајќи од петок, корисниците на платформите ќе можат да добијат јасни информации зошто им биле препорачани одредени информации и ќе имаат право да не бидат вклучени во системите за препораки базирани врз профилот.
- Уредување на рекламите
Нема да биде дозволено рекламирање врз основа на чувствителни податоци на корисниците, како што се етничка припадност, политичко мислење или сексуална ориентација.
Платформите ќе бидат принудени да ги етикетираат сите реклами и да дадат јасни информации за тоа кој ги поставува тие реклами.
Дигиталните платформи ќе треба да ги специфицираат своите услови на јазикот на земјата во која делуваат, на лесно разбирлив и јасен јазик.
- Децата ќе бидат заштитени
Малолетниците ќе бидат построго заштитени. Во тие рамки, платформите ќе треба да ги редизајнираат своите системи за да осигурат безбедност на децата. Целните реклами засновани врз профилирање на деца нема да бидат дозволени.
Ќе се прават посебни проценки на ризикот на содржината. Содржината ќе биде повнимателно модерирана, а дезинформациите ќе се намалат. Платформите ќе треба да преземат дополнителни мерки за справување со ризиците поврзани со онлајн ширењето на нелегална содржина.
- Борба против нелегалните содржини
Предуслов ќе биде платформите да имаат механизам што ќе им овозможи на корисниците да означат нелегална содржина и преземање на брза акција против неа.
Исто така, ќе биде задолжително платформите да преземаат мерки за спречување на ширењето дезинформации и користење на нивните услуги од лажни профили.
Усогласеноста на дигиталните компании со законските обврски ќе биде предмет на независна ревизија.
- Казни за прекршување на правилата
Дигиталните платформи кои ќе ги прекршат правилата може да се соочат со казни во висина до 6 % од нивниот глобален промет. Доколку се повтори прекршокот, ќе бидат прекинати активностите на наведените дигитални платформи во ЕУ.
Подготвената голема листа на платформи ќе биде дополнително проширена доколку се смета дека е потребно тоа. Во оваа фаза, новите правила, кои важат за најголемите платформи, по 6 месеци ќе се прошират на сите дигитални услуги. Сепак, малите дигитални компании нема да подлежат на строгите правила како големите.
- Шопинг сајтовите се против новите правила
Компаниите „Заландо“ со седиште во Германија и „Амазон“ со седиште во САД започнаа одделни правни постапки, бидејќи според новата законска регулатива, тие се дефинирани како „многу голема онлајн платформа“.
„Заландо“, најголемиот европски виртуелен шопинг сајт, не согласувајќи се со новите правила, во јуни поднесе барање до Европскиот суд на правдата, највисокиот правен орган во ЕУ.
„Заландо“ се противи на дефинирањето како многу голема дигитална платформа одговорна за управување со системски ризици во рамките на новиот закон.
Компанијата тврди дека најголемиот дел од нејзиниот бизнис-модел по природа е малопродажба, што не претставува системски ризик од ширење штетна или нелегална содржина од трети страни.
Американската фирма „Амазон“, исто така, започна посебна правна акција против овие правила минатиот месец. Фирмата смета дека таа не одговара на дефиницијата на ЕУ за многу голема виртуелна платформа и неправедно е посочена.
Иако овие правни процеси не се очекува да бидат завршени во блиска иднина, новите правила ќе стапат на сила во Европа оваа недела.
Од друга страна, бидејќи европскиот пазар е многу голем и профитабилен, компаниите не сакаат да ги загубат своите приходи таму.
Дигиталните платформи ќе се усогласат со новите правила поради високите казни и ризикот од затворање доколку не ги почитуваат правилата на ЕУ.