Gökhan Ergöçün
07 Септември 2023•Ажурирај: 08 Септември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Јапонскиот министер за економија, трговија и индустрија, Јасутоши Нишимура, изјави дека бизнисите во Јапонија ги прошируваат своите активности во Туркије, земја што нуди значителна географска предност и други погодности, јавува Анадолу.
„Туркије е стратегиски лоцирана на север, југ, исток и запад, при што има клучна блискост со Блискиот Исток, Африка, регионот на Кавказ, како и со Централна Азија и Европа“, изјави Нишимура за Анадолу за време на турско-јапонскиот Бизнис-форум во Истанбул во вторникот.
Тој истакна дека во Туркије работат приближно 280 јапонски компании, нагласувајќи дека турскиот пазар има голем потенцијал за раст во иднина, со население од речиси 100 милиони и просечна возраст од 33 години.
„Сигурен сум дека ќе продолжат инвестициите од Јапонија“, истакна министерот.
„Инвестициите на Јапонија во странство изнесуваат вкупно два билиони долари и Туркије очекува повеќе директни инвестиции од Јапонија“, изјави турскиот министер за трговија Омер Болат на Форумот.
„Може да развиеме заеднички вложувања во многу области, како што се алтернативната енергија, електричните автомобили, инфраструктурата, дигиталната економија, паметните градови, климатските промени и одржливата енергија за да ги исполниме глобалните цели на нашите две земји“, додаде Болат за време на својот говор на Форумот.

Турски и јапонски компании се собраа во турската метропола Истанбул на 5 септември со цел зајакнување на меѓусебните економски односи.
Бизнис-форумот Туркије-Јапонија беше заеднички организиран од Јапонската организација за надворешна трговија (Jetro), турското Министерство за трговија и Министерството за економија, трговија и индустрија на Јапонија, на тема „Нови соработки во следните 100 години“.
- Економско партнерство -
Нагласувајќи дека јапонските бизниси имаат технологија и капитал, Нишимура рече дека Јапонија може да се ѝ се придружи на силата на турскиот народ за деловни потфати во трети земји.
Годишниот обем на трговска размена меѓу Туркије и Јапонија изнесуваше околу пет милијарди долари заклучно со 2022 година, а се очекува да достигне шест милијарди долари во 2023 година.
Туркије и Јапонија следната година ќе одбележат 100-годишнина од воспоставување на дипломатските односи.
„Овие размислувања ги споделив со мојот колега Болат и разговаравме за интензивирање на разговорите за договори за економско партнерство меѓу Јапонија и Туркије“, рече тој.
„Се надеваме дека може да ги поттикнеме нашите заеднички активности и во трети земји.“
Турскиот министер Болат, исто така, рече дека јапонските компании имаат цел да соработуваат со турските компании на Блискиот Исток, Централна Азија и Африка, и додаде: „Ќе има и голем деловен потенцијал меѓу турските и јапонските компании во обновата на повоена Украина.“