Ekipa
06 Април 2020•Ажурирај: 06 Април 2020
АНКАРА (АА) - Јапонскиот премиер, Шинзо Абе, најверојатно ќе прогласи вонредна состојба со цел да го спречи ширењето на коронавирусот, бидејќи потврдениот број на случаи во земјата се искачи на над 4.500, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според новинската агенција „Кјодо“, вонредната состојба, прва од ваков вид во Јапонија, се очекува да биде прогласена во вторник, а ќе стапи во сила од среда.
„Прогласувањето [вонредна состојба], според неодамна изменетиот закон, доаѓа во услови кога Јапонија се обидува да го спречи брзиот раст на случаите на Ковид-19, кои наметнуваат значителен ризик за животот и за јапонската економија“, објави новинската агенција, цитирајќи владини претставници, и додаде дека премиерот ќе ги наведе времетраењето и целните области.
Вонредната состојба би ги ограничила индивидуалните права, дозволувајќи им на гувернерите на префектурите да преземаат конкретни активности за спречување на ширењето на вирусот.
Од вчера, потврдениот број случаи на коронавирус во Јапонија се искачи на 4.563, вклучувајќи ги и околу 700-те случаи од крузерот „Дајмонд принцес“, додека 104 лица починаа.