Ekipa
26 Февруари 2017•Ажурирај: 26 Февруари 2017
ЏАКАРТА (АА) – Кокошките од видот „Ајам Цемани“ кои потекнуваат од Индонезија, се целосно црни од главата до нозете, па дури и нивните внатрешни органи, и им се припишуваат мистични моќи, јавува Anadolu Agency (AA).
Црните кокошки од индонезискиот остров Јава се разликуваат од нормалните кокошки, кај нив сѐ е црно освен јајцата.
Во регионот на Јава се верува дека кокошката „Ајам Цемани“, која во потполност е црна, односно нозете, очите, пердувите, месото и нејзините внатрешни органи се црни, е животно што поседува посебна моќ токму поради тој поинаков изглед.
Според верувањето што потекнува од 15. век од индонезиската империја Маџапахит, кокошката „Ајам Цемани“ носи моќ и благодат, и го чува од неволји местото каде што се храни.
Кокошките „Ајам Цемани“ се колат на свечености, церемонии и при прослави, како заштита од злото.
Јајцата од оваа кокошка се бели како и на обичните кокошки, но се помали. Кокошките од овој вид тежат околу 2 килограма, а петелот тежи околу 3 килограми.
Мас Исхак, кој од дете одгледува кокошки од видот „Ајам Цемани“, за АА истакна дека овие кокошки за него се специјални: „Од дете ги одгледувам и ги продавам кокошките Цемани. Во моето село имам посебна фарма каде што ги чувам овие кокошки. Кокошките обично ги продавам во Џакарта“.
„Кокошките Цемани ми се хоби. Ги чувам како моите очи. Не употребувам некоја посебна храна за да ги хранам. Им давам иста храна како и на другите кокошки. Во продажбата на овие кокошки има и странски клиенти“, истакнува Исхак.
- Најскапа кокошка во светот -
Цената на кокошката од видот „Ајам Цемани“ во Индонезија изнесува од 300 до 500 долари, додека во странство достигнува цена до 5.000 долари.
Освен различниот изглед и високата цена, се вели дека кокошката „Ајам Цемани“ е добра и за здравјето.
Се верува дека месото и крвта од оваа кокошка им помагаат на болните од респираторни болести, како што е астмата, и му даваат сила на телото.
- Различниот изглед е генетска мутација -
Според истражувањата на научниците, црната боја на кокошките „Ајам Цемани“ е предизвикана од некој вид на генетска мутација што се појавила во Азија, па со време се ширела и кон Европа.
Оваа мутација предизвикува кокошките да произведуваат 10 пати повеќе меланин од обичните кокошки.
Меланин е темниот пигмент што се наоѓа во човечката кожа, косата и во некои делови од човечкиот мозок. Оваа генетска мутација наречена фибромеланоза е предизвикана од зголемување на нивото на меланинот, но се вели дека таа не предизвикува никаква штета.