1 23
05 Август 2021•Ажурирај: 06 Август 2021
БЕЈРУТ
Кога минатата година се случи катастрофалната експлозија на пристаништето во Бејрут, серија ужасни сцени на социјалните мрежи станаа вирални, а свадбената снимка на Есра ал Себлани, која стана позната како „Бејрутска невеста“, беше меѓу оние што беа на врвот на листата, јавува Агенција Анадолија (АА).
На 4 август 2020 година, Ал Себлани, лекарка, требаше да се венча со нејзиниот вереник Ахмед Собеих, кој е бизнисмен.
Таа беше облечена во бела венчаница и позираше за фотографија на еден од најубавите плоштади во Бејрут, кога во моментот се случи експлозијата во пристаништето во Бејрут, која предизвика последователни експлозии и надвор од градот.
Во истиот момент, радосниот настан се распадна, претворајќи се во момент на паника и терор, оној што го сними камерманот Махмуд ал Накиб.
За многумина, видеото го сумира ужасното влијание на експлозијата во која загинаа најмалку 200 луѓе, а илјадници беа повредени, покрај настанатата огромна материјална штета.
Една година подоцна, екипата на Aгенција Анадолија го посети познатиот плоштад во Бејрут што привлекува нови парови да се сретнат со Ал Себлани.
Додека новиот пар во близина се забавуваше позирајќи за фотографии, сеќавањата на Ал Себлани за страшниот момент на кој беше сведок минатата година сѐ уште се свежи.

На само 1,5 километри од местото на експлозијата, плоштадот воопшто не беше поштеден од последиците од експлозијата, при што се проценува дека површината што е оштетена се протегала на над 8 километри и зафатила околу 62.000 станбени единици и 20.000 комерцијални објекти.
„Тој ден е секогаш со мене“, изјави Ал Себлани за АА.
„Тоа е колективно сеќавање што ќе остане заглавено во главите на сите граѓани“, рече таа.
Нејзе, титулата „Бејрутска невеста“ понекогаш ѝ пречи бидејќи ја потсетува на „темниот ден“ што Бејрут го срамни со земја и што ја откажа нејзината венчавка.
Ахмед Собеј ги сподели чувствата на неговата сопруга истакнувајќи дека Либан никогаш нема да биде ист. „Целиот либански народ нема да го заборави тој ден“, рече тој.
„Нашата венчавка требаше да биде еден од најсреќните денови во нашите животи, но се претвори во трагичен белег на тага за нас и за целиот Либан.“

Собеј чувствува дека животот во Либан се влошил по експлозијата, но ја изрази својата верба во способноста на земјата да закрепне и луѓето да стојат цврсто за подобро утре.
Експлозијата дополнително ја влоши економската криза во Либан, најлоша во модерната историја на арапската нација, оставајќи ја на работ на финансиски колапс.
Земјата страда од акутен недостиг на увезени лекови, гориво и високи цени на прехранбените производи, поради недостиг на девизи во земјата.
Повеќето од погодените од експлозијата се жалат дека не добиле надомест од осигурителните компании, со исклучок на малите надоместоци, а компаниите наведуваат дека резултатите од официјалните истраги за причината за експлозијата не се објавени.
Покрај тоа, остави илјадници невработени, создавајќи општа состојба на фрустрација кај младите.
Во меѓувреме, експерти за животна средина предупредија дека експлозијата предизвикала високо загадување на воздухот.
Либан се соочува со политичка криза при што мандатарот за состав на влада, Наџиб Микати, сѐ уште не успеа во формирањето нова влада.
Набљудувачите веруваат дека неуспехот да се формира влада му отежнува на Бејрут повторно да се крене и особено да го реконструира своето пристаниште, бидејќи формирањето влада ја отвора вратата за странска помош.