Ali Murat Alhas
19 Март 2020•Ажурирај: 24 Март 2020
ЕДРЕНЕ (АА) - Раководителот на Одделот за здравство при Универзитетот во Тракија, доктор Фарук Јорулмаз истакна дека најдоброто оружје во борбата против коронавирусот (Ковид-19) е зајакнување на имунолошкиот систем.
Тој изјави дека човековиот организам тешко се бори со вируси кога имунолошкиот систем е ослабен, при што од најголема важност е да се храниме здраво и да имаме редовен сон.
„Досега не е откриен лек или вакцина против овој вирус. Така што зајакнувањето на нашиот имунолошки систем е нашето најдобро оружје против коронавирусот“, изјави доктор Јорулмаз во интервју за Агенција Анадолија (АА).
„Можеме да го зајакнеме нашиот имунолошки систем со здрава исхрана“, смета докторот Јорулмаз, додавајќи дека луѓето треба да се изложуваат на сонце за да добијат витамин Д.
Нагласувајќи дека во текот на денот треба да консумираме најмалку два литра вода, докторот изјави дека треба да се воздржуваме од јадење брза храна бидејќи дебелината влијае негативно на имунитетот.
„Непрекинатиот сон од 7-8 часа исто така ќе биде од корист“, рече тој и препорача физичка активност во исто време.
„Човечкото тело е програмирано да се движи, затоа физичката активност би помогнала во подобрување на имунолошкиот систем“, советува доктор Јорулмаз.
Новиот тип коронавирус досега одзеде речиси 9.000 животи на глобално ниво, од кои поголемиот дел во Кина, а над 219.000 случаи на заразување со вирусот се потврдени во најмалку 159 земји и територии.
Светската здравствена организација (СЗО) ја прогласи Европа за нов епицентар на пандемијата на вирусот, што за првпат се појави во кинескиот град Вухан во декември минатата година.