СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство на Северна Македонија Венко Филипче соопшти дека вкупната бројка на пациенти со коронавирус (Ковид-19) во земјата се зголеми на 70, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Вкупниот број на тестирања направени денеска во нашата земја се 43, од кои 3 се позитивни што значи дека вкупниот број на дијагностицирани пациенти во нашата земја е сега 70. Притоа, од трите новодијагностицирани, едната пациентка патувала во Србија, бабата на девојчето од Штип има позитивен тест и уште еден пациент од Скопје", рече министерот Филипче на прес-конференцијата во Владата на Северна Македонија.
Министерот Филипче ги посочи градовите во кои сега има дијагностицирани пациенти во земјава, а тоа се Скопје, Дебар, Гостивар, Штип и Охрид.
„Сите пациенти се со релативно стабилна клиничка слика, лесна до средна. Пациентката која е на респираторна машина е единствена пациентка која е на механичка асистирана вентилација, од касните часови навлезе во многу критична фаза. Се прават сите напори кои треба да се направат од аспект на поддршка на сите органски системи, но нејзината ситуација е покритична во однос на тоа што беше минатиот ден", информираше Филипче.
Исто така, на прес-конференцијата министерот за здравство на Северна Македонија потсети дека во земјава има само еден пациент на респираторна машина, а потенцираше дека земјава за сега има вкупно 120 респираторни машини.
„Нашата земја располага засега со вкупно 120, светските искуства велат дека 5 проценти од заболените се на респираторна машина, тоа значи на бројка од 1000 пациенти претпоставка е дека има 50 пациенти коишто се на респираторна машина", истакна Филипче.
„Бројот на пациенти ќе расте, тоа ние го очекувавме тоа се најавите и од сите земји каде што е во развој бројот на пациенти и болеста", додаде Филипче и упати апел до граѓаните:
„Јас сум свесен дека ова ситуација го смени животот, дека луѓето затворени дома се соочени со страв. Стравот е емоција, меѓутоа, не треба да стане ирационален заради тоа што така е некорисен и штетен. Мора сите да сме свесни дека токму таа изолација, самоизолазиција, токму тоа карантизирање е спасот и начинот да се стави крај на ширњето на инфекцијата."
Потсетуваме, претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 18 март прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел полесно справување со борбата против ширењето на коронавирусот.