Младите и децата во Сенегал со заеднички сили ги чистат плажите за да ја подигнат еколошката свест
- „На плажите каде што трчав како дете, денес не може да се чекори од пластичен отпад. Нашите брегови се преплавени од пластично ѓубре. Мора да ги спасиме плажите да не станат депонии...“
Fatma Esma Arslan Özdel
22 Мај 2026•Ажурирај: 22 Мај 2026
photo: Cem Özdel / AA
ДАКАР
Муса Мбенге, активист што живее во Дакар, главен град на Сенегал, организира акции со волонтери за чистење на бреговите прекриени со пластичен отпад, со благородна цел – да ја поттикне еколошката свест кај најмладите, пишува Анадолу.
Мбенге, кој живее на брегот Нгор во Дакар, преку здружението „Рафетал Нгор“ (Да го разубавиме Нгор) што сам го основал, слика мурали низ маалото, подготвува еколошки проекти и вложува големи напори да ги поттикне луѓето, особено младите, да дејствуваат против загадувањето на плажите.
По уште една акција за чистење на плажите, во изјавата за дописникот на Анадолу, Мбенге со загриженост вели дека со зголемувањето на употребата на пластика во земјата, нивните плажи почнале сѐ повеќе да се загадуваат.
Фотографија : Cem Özdel/AA
Веќе е вклучен црвен аларм поради загадувањето на речиси сите брегови на Дакар, вели Мбенге и додава: „На плажите каде што трчав како дете, денес не може да се чекори од пластичен отпад. Нашите брегови се преплавени од пластично ѓубре. Мора да ги спасиме плажите да не станат депонии. Заедно со младите и децата за само два часа собравме дури 497 вреќи со пластичен отпад.“
Во овие акции учествуваат и волонтери што доаѓаат од различни земји, со примарна цел - да ја подигнат свеста кај децата и младите.
- „Наша цел е да ја подигнеме свеста во училиштата“ -
Овие акции добиваат силна поддршка и од локалните еколошки здруженија.
Моду Фал, претседател на здружението „Сенегал Пропре“ (Чист Сенегал), кој во регионот е препознатлив како „Пластичниот човек“ поради неуморната борба против пластичниот отпад, загадувањето на некои плажи во Дакар го опиша како вистинска „катастрофа“. Тој смета дека локалните власти не преземаат доволно чекори за решавање на овој проблем.
Фотографија : Cem Özdel/AA
Фал потсети дека Законот за забрана на пластични производи за еднократна употреба, кој стапи на сила во Сенегал во 2020 година, сè уште не се применува во практика, нагласувајќи дека како што се одолговлекува овој процес, употребата на пластика секојдневно се зголемува.
Кристел Сербин од Франција, која раководи со проекти за општествена кохезија и која се вклучила во акцијата, исто така, истакна дека нивна цел е да создадат повисока еколошка свест кај децата.
Сербин вели дека во акцијата учествувале шест лица на возраст од 18 до 25 години од младинска институција од Франција, додавајќи дека во соработка со здружението „Рафетал Нгор“ спроведуваат низа проекти за социјална кохезија и заштита на животната средина.
На плажите наоѓаат различен отпад – од пелени за бебиња до животински коски, вели Сербин и додава:
„Наша вистинска и главна цел е да се соочиме со децата во училиштата и да ја подигнеме нивната свест за загадувањето на животната средина.“
- Околу 259.000 микропластики на еден квадратен километар во водите на Дакар -
Според податоците на Министерството за животна средина на Сенегал од минатата година, речиси половина од вкупниот пластичен отпад произведен во 2024 година (кој изнесува повеќе од 250.000 тони) е создаден токму во главниот град Дакар.
Податоците на здружението „Сенегал со нула отпад“, пак, покажуваат дека Сенегал се наоѓа на 21. место во светот по загадување на океаните со пластика.
Едно научно истражување, објавено во 2023 година во базата на податоци „Сајенс Директ“, открива застрашувачки податок – на морската површина во близина на бреговите на Дакар се пронајдени околу 259.000 тони микропластика на еден квадратен километар.