Mücahit Türetken
04 Април 2018•Ажурирај: 05 Април 2018
ИСТАНБУЛ (АА) – МУЏАХИТ ТУРЕТКЕН -
Вработените во одржувањето на џиновскиот аквариум, во кој се хранат голем број водени и копнени животни, од ајкули, анаконди до капибари, и покрај напорната работа околу исхраната, одржувањето и лекувањето на животните во аквариумот, сепак се среќни што на аквариумот му даваат живот, пишува Anadolu Agency (AA).
Вработените во аквариумот, кој секоја година го посетуваат речиси 2 милиони посетители, вложуваат големи напори во одржувањето, контролата, исхраната и лекувањето на стотици животни.

Вработените на животните во аквариумот им овозможуваат здрав живот, имаат напорна, понекогаш и опасна професија која ја извршуваат совесно и со љубов.
Тие се грижат за исхраната, создавањето здрава животна средина и заштита, лекување, односно за сѐ што им е потребно на животните во создадената вештачка средина.
Во истанбулскиот аквариум вработените започнуваат со својата работа во 8:00 часот наутро, еден час пред започнувањето со работа на аквариумот за посетителите, контролирајќи ги резервоарите во кои се сместени рибите и останатиот животински свет, хранејќи ги и контролирајќи ја водата.
Секојдневно се врши хранење, здравствена контрола и контрола на животната средина во која живеат ајкули, мурени, риби балон, ражи, риба-лав, папуански пингвини, анаконди, капибари од Јужна Америка и илјадници други видови од морскиот и копнен свет.

Мехмет Мутлу, вработен во аквариумот, е одговорен за 12 долгоопашести папуански пингвини. Мутлу рече дека секојдневно ја уредува животната средина на пингвините, поставуваќи го снегот во форма, соодветна за пингвините. „Ја контролираме здравствената состојба на пингвините. Дали имаат некаков физички проблем, дали постои одредена позитивна или негативна состојба во нивното однесување. Секојдневно на пингвините им даваме мултивитамини. Освен тоа, вработените нуркачи вршат акрилно чистење и чистење на дното на базенот“, рече Мутлу.
Ајшенур Демир, две години вработена во аквариумот, задолжена е за пацифичкиот карантински дел.
Демир, објаснувајќи дека во карантинот постојат оддели како делови за Средоземо Море, Океан, и други области, истакна: „Во овој оддел се грижиме видовите кои доаѓаат однадвор, пред да бидат префрлени во аквариумот, да поминат низ протоколот за карантин, чистејќи ги видовите од можни болести, доведувајќи ги во поздрава и попрезентативна состојба. Болните или повредените видови ги префрлуваме во соодветна средина во која се спроведува потребното лекување“.

- „За да не ни ја грабнат раката, користиме специјални ракавици“ -
Али Угур е одговорен за најголемиот дел од аквариумот кој го претставува Атланскиот Океан. Угур рече дека секојдневно нурнуваат во џиновскиот аквариумски резервоар во кој се наоѓаат опасни видови, како ражи, ајкули и баракуди.
„Ражите ги храниме со рака. Ражите се опасен вид поради боцките поставени на нивните тенки и долги опашки. Песочната ајкула од видот Carcharhinus plumbeus исто така ја храниме од рака. Во овој дел од аквариумот имаме и примероци на ајкула-тигар. Овој вид на ајкули ги храниме двапати неделно исто од рака. Заради заштита, користиме специјални ракавици и опрема“.

Угур вели дека секој, лесно не би можел ја извршувал оваа професија. „Искрено, јас ја избрав оваа професија бидејќи не сакам да работам канцелариска работа. Потребно е да се биде несебичен, да се сака работата и животните за да се работи оваа професија. Кога почнав да работам, сите ми велеа: ‘Многу тешка професија. Нема да можеш да ја работиш, да ја совладаш’. Но јас многу ја засакав. Многу сум задоволен од мојата професија и моите колеги тука. Среќен сум што работам тука.“
Тугче Турк, дипломиран биолог, вработена во истанбулскиот аквариум, изјави дека ја избрала оваа професија бидејќи ги сака животните.
Турк, која е одговорна за исхраната на капибарите кои потекнуваат од Јужна Америка, истакна дека овие животни привлекуваат големо внимание кај децата и додаде: „Капибарите се тревопасни и питоми животни. Се хранат воглавно со зеленчук. Многу се питоми и симпатични животни. Доколку работите сакајќи ги животните и професијата, тогаш нема да имате никаков проблем“.