Vesna Besic
08 Март 2024•Ажурирај: 10 Март 2024
ГАЗА (АА) - Низ светот денес се одбележува 8 Март - Меѓународниот ден на жената. Жените во светот го прославуваат својот ден, а Палестинките во Појасот Газа се борат за опстанок, известува Анадолу.
Блокадата и нападите што Израел ги изведува од 7 октомври минатата година врз Појасот Газа, ги натера сите Палестинци, особено жените, да се борат со тешките услови за да преживеат.
Додека жените низ светот го слават 8 Март - Меѓународниот ден на жената, Палестинките се обидуваат да продолжат со животот со болката поради загубата на најмилите.
Палестинката Сафа Салах (24) роди девојче по тешко породување ноќта кога израелската војска на 12 февруари изведе воздушни и копнени напади врз градот Рафа, во кој беа убиени десетици Палестинци.
Салах, која од бегалскиот камп Џабалија, во северниот дел на Појасот Газа, се засолни во градот Рафа, се бори да ја одгледа својата новородена ќерка на која ѝ го даде името Ватин.
Меѓународниот ден на жените првпат е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД, врз основа на Декларацијата што ја донесе социјалистичката партија на таа земја.
Од 1975 година Обединетите нации (ОН) службено го одбележуваат 8 Март како Меѓународен ден на жената.
Меѓународниот ден на жената наедно е можност и да се укаже на насилството над жените, нееднаквоста на половите и да се побараат поголеми права за жените во земјите во кои тоа не е случај. Често на овој ден се организираат и протестни прошетки со кои жените, но и борците за човекови права, ја продолжуваат борбата за еманципација.