Sümeyye Dilara Dinçer
16 Октомври 2022•Ажурирај: 18 Октомври 2022
МЕЛБУРН (АА) - Поради поплавите утре ќе биде прекината наставата во 120 училишта во сојузната австралиска држава Викторија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што објави „Еј-би-си њуз“, обилните врнежи во југоисточниот дел на земјата довеле до нарушување на секојдневието во Викторија.
Премиерот Даниел Ендрјус рече дека околу 120 училишта и 100 градинки ќе бидат затворени утре поради дождовите и поплавите.
Официјалните претставници, кои неколку дена претходно издадоа предупредување за поплави, сега соопштија дека е предоцна за евакуација на жителите во окрузите Шепартон, Мурупна, Орвал и Елмор во сојузната држава.
На граѓаните кои живеат во овие подрачја им е препорачано да се засолнат на поголема надморска височина.
Упатен е повик за итни случаи во регионот Нарандера во Нов Јужен Велс, каде врнежите беа обилни, а до жителите од регионот беше упатено предупредување за евакуација.
Се очекува денес австралискиот премиер Ентони Албанис да ги посети подрачјата зафатени од поплавите.