Vesna Besic
22 Март 2023•Ажурирај: 23 Март 2023
САРАЕВО (АА)
- Весна БЕШИЌ
Околу 150 години старата куќа во Сумбулуша, во Стари Град во Сараево, е домот на бабата Ајка Локмиќ, која во мај ќе наполни 109 години, јавува Анадолу.
Таа е една од 12-те стогодишници на подрачјето на оваа сараевска општина. Родена е во 1914 година во Босански Шамац, а како дете останала сираче и дошла да живее кај своите роднини во Сараево.
Откако се омажила за Нурија Локмиќ, од улицата „Хаџијамакова“ се преселила во „Мејлијина“, во семејната куќа каде што живее и денес. Имале четири деца. Имале, како што вели таа, убав живот. Таа го изгубила Нурија пред 40 години.
- Пости од седмата до 100-тата година
Според тврдењата на нејзината ќерка Зумрета Дедајиќ, Ајка не е само најстарата личност во Босна и Херцеговина, туку и во цела Европа, од каде одредени здруженија и новинари веќе ги контактирале со барања за интервју.
„Мама наскоро го слави својот 109. роденден. Таа е најстарата жителка во Босна и Херцеговина, а можеби и во Европа“, рече Зумрета, која има 70 години.

Баба Ајка сè уште е во добра здравствена состојба, само што памтењето веќе не ѝ служи толку добро, а исто така и слухот.
„Сè е добро освен менталното здравје, годините си го прават своето. Меморијата ѝ е послаба, се сеќава на минатото, но не се сеќава на нови информации“, изјави Зумрета за Анадолу.
Од седумгодишна возраст до 100 години таа постела секој Рамазан и учела. Но, веќе девет години здравјето и годините не ѝ дозволуваат да ги практикува верските обврски и обичаи.
Нејзината ќерка Зумрета изјави дека Ајка била голем верник и дека цел живот постела, се молела и учела.
- „Секогаш се доаѓаше и посетуваше“
„Заборавам работи и понекогаш сури. Извинете, но не можам да постам. Порано куќата беше секогаш полна за Рамазан. Луѓето порано доаѓаа и се посетуваа, но сега веќе не можам. Жал ми е што ги нема поранешните времиња“, рече Ајка додека седеше во својата куќа која порано била полна со деца и смеа.
Денес таа е потсетник на некои среќни времиња и на босанската традиција.
Баба Ајка сè уште сака да ѝ доаѓаат гости. Секогаш ги пречекува со насмевка на лицето. Така таа го пречека градоначалникот на Општина Стари Град Сараево, Ибрахим Хаџибајриќ, кој со години ја посетува пред Рамазан.

„Ајка е сигурно најстарата жителка во Босна и Херцеговина, а според изјавите на нејзината ќерка, таа е и меѓу најстарите луѓе во Европа“, изјави Хаџибајриќ.
Тие располагаат со евиденција дека околу 12 стогодишници живеат во областа на Стари Град.