Ekipa
18 Мај 2022•Ажурирај: 19 Мај 2022
МАДРИД (АА) - Левичарската коалициона Влада на Шпанија го одобри Предлог-законот со кој се зајакнува правото на абортус и со кој се овозможува платено боледување на жени кои страдаат од болна менструација, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Испраќаме меѓународна порака за поддршка на сите жени кои се борат за своите сексуални и репродуктивни права. Мораме да гарантираме дека жените се тие кои одлучуваат што ќе се случува со нивните тела“, изјави шпанската министерка за рамноправност на половите, Ирене Монтеро.
Така, Шпанија ќе стане прва земја во Европа која нуди платено боледување на жените кои боледуваат од болни менструации.
Новиот закон по усвојувањето би ја отстранил родителската согласност за девојките од 16-17 години кои сакаат да ја прекинат бременоста и би го отстранил задолжителниот тридневен рок за разгледување на одлуката.
Предлог-законот, исто така вклучува и платено боледување за бремени жени од 39. недела и гарантира дистрибуција на бесплатни менструални производи во јавни институции како што се училишта и здравствени центри.
Во Предлог-законот, исто така е вклучено и повикувањето на совеста, која им овозможува на лекарите да одбијат да го изведат абортусот.
Државните болници според Предлог-законот мораат да имаат специјалисти кои се подготвени да го изведат абортусот.
Предлог-законот мора да ја помине јавната расправа пред парламентарната процедура за негово усвојување.