Zehra Ulucak
08 Април 2018•Ажурирај: 09 Април 2018
ТОКИО (АА) - Јапонската полиција уапси 73-годишен маж осомничен дека подолго од две децении го држел својот син затворен во дрвен кафез, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што јавува новинската агенција Кјодо, Јошитане Јамасаки, изјави дека го затворил синот, кој сега има 42 години, бидејќи имал ментални проблеми и понекогаш бил насилен.
Кафезот висок еден метар и широк помалку од два метри се наоѓа во помошниот објект до куќата на Јамасаки во градот Санда.
За состојбата на 42-годишниот маж, надлежните органи ги извести медицински работник кој се грижел за сопругата на Јамасаки пред таа да почине.
Покрената е истрага, а надлежните органи веруваат дека Јамасаки синот го држел затворен од неговата 16 година.
Уапсениот Јамасаки рече дека секој ден го хранел својот син и му дозволувал да се капе секој втор ден.
Утврдено е дека 42-годишниот маж нема никакви здравствени потешкотии освен искривување на 'рбетот, а грижата за него ја продолжува социјалната служба.