Zehra Nur Düz
06 Април 2020•Ажурирај: 07 Април 2020
РАМАЛА
Арапската лига денес побара интервенција од Меѓународниот комитет на Црвен крст (ICRC) да ги заштити Палестинците во израелските затвори од пандемијата на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Официјалната египетска новинска агенција МЕНА ја објави содржината на писмото кое генералниот секретар на Арапската лига, Абул Геит го упати до генералниот директор на ICRC Роберт Мардини, во кое ја нагласи опасноста на вирусот за 5.000 палестински затвореници.
Меѓу затвореници има постари лица, болни лица и лица со послаб имунитет, изјави Абул Геит повикувајќи го Мардини да ги ослободи. Нагласувајќи дека Тел Авив ослободил некои Израелци, со исклучок на палестинските затвореници, Геит изјави дека тоа претставува прекршување на меѓународното право и човековите права.
Според официјалните бројки на Палестина, околу 5.000 Палестинци се наоѓаат во израелските затвори, меѓу кои 700 пациенти и 230 деца.
Комисијата на палестински затвореници објави дека тројца чувари на израелските затвори биле тестирани позитивни на Ковид-19.
Од Комисијата е изразено стравување дека постојат шанси вирусот да се рашири меѓу затвореници.
Според податоците на американскиот Универзитет Џон Хопкинс, во Израел до сега се потврдени 8611 случаи на заразување, а има 55 починати лица.
Ковид-19 за првпат се појави во декември 2019 година во градот Вухан, во кинеската покраина Хубеи, и се рашири во речиси 200 земји.
Податоците покажуваат дека во светот има над 1,2 милиони потврдени случаи на вирусот, над 69.400 починати и над 263.000 излекувани лица.