22 Август 2020•Ажурирај: 23 Август 2020
РИО ДЕ ЖАНЕИРО (АА) - Џамиите во бразилскиот град Рио де Жанеиро, кои беа затворени четири месеци заради мерките воведени во рамките на борбата против пандемијата на коронавирусот (Ковид-19), повторно се отворени за молитви, јавува Агенција Анадолија (AA).
По ублажувањето на одредени рестриктивни мерки, бразилските власти одлучија дека може да се отворат местата за богослужба, вклучително и џамиите.
Муслиманите во квартот Моро до Борел со големо воодушевување ја примија оваа одлука и ги посетија џамиите носејќи заштитни маски и почитувајќи ги другите препораки.
Во Бразил, втората најпогодена земја од вирусот во светот, по Соединетите Американски Држави (САД), во изминатите 24 часа починаа 1.054 лица, со што бројот на смртни случаи во земјата достигна 113.358, соопштено е од Министерството за здравство.
Бројот на заразени продолжува да расте во најголемата држава во Јужна Америка, а во изминатото деноноќие регистрирани се 30.355 нови случаи.
Од Министерството за здравство на Бразил наведоа дека вкупниот број на заболени со Ковид-19 надминал 3,5 милиони, а се излекувале над два милиони луѓе.
Бразил, со популација од над 211 милиони жители, се смета за епицентар на пандемијата на Ковид-19 во Латинска Америка.