Firdevs Bulut
05 Мај 2020•Ажурирај: 06 Мај 2020
АНКАРА
Бројот на починати од последици предизвикани од новиот тип на коронавирус (Ковид-19) во Франција се искачи на 25.531, од кои 330 смртни случаи се регистрирани во текот на изминатите 24 часа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од Министерството за здравство на Франција се вели дека бројот на позитивни на Ковид-19 во последните 24 часа е зголемен за 1.406 и изнесува 204.659.
Моментално во француските болници се хоспитализирани 24.775 заболени, вклучувајќи и 3.430 пациенти на одделите за интензивна нега. Во Франција веќе 27 дена по ред се намалува бројот на пациенти на интензивна нега.
Од почетокот на епидемијата во Франција од Ковид-19 се излекуваа 52.736 лица, вклучувајќи и 1.435 излекувани во текот на изминатиот ден.
Меѓу вкупно 25.531 лице кои починаа од последиците на Ковид-19, во Франција 16.060 починаа во болниците и 9.471 во домовите за стари лица.
Француските власти најавија дека од 11 мај постепено ќе ги опуштаат мерките на ограничување на движење и дека од тој ден ќе можат со работа да започнат градинките и основните училишта, но под услов во училниците да бидат најмногу 15 ученици, а во училиштата да се воведат високо хигиенски превентивни мерки. Најавено е дека од 11 мај ќе можат со работа да започнат и помалите музеи.
Градоначалниците на градовите во регионот Ил де Франс, вклучувајќи го и Париз, испратија писмо до францускиот претседател Емануел Макрон во кој бараат додатно да се пролонгира отворањето на училиштата.