Hasan Esen
13 Мај 2020•Ажурирај: 13 Мај 2020
ЛОНДОН
Некои од мерките воведени во рамките на борбата против новиот тип коронавирус (Ковид-19) во Велика Британија денес се укинати, со што се направени првите чекори кон нормализација на животот во таа земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според планот на британските власти, во првата фаза од нормализацијата на граѓаните ќе им биде дозволено повеќе време да поминуваат надвор.
На граѓаните ќе им биде дозволено сончање во парковите, а ќе можат да одат и на пикник и да ловат риба. Средбите се дозволени со почитување на мерките за физичка дистанца која мора да биде најмалку два метра.
Исто така ќе бидат достапни и спортските терени на отворено, вклучувајќи голф-клубови, тениски и кошаркарски терени. Луѓето ќе можат самостојно да се занимаваат со спорт со други лица, со почитување на изречените мерки. За спортските активности надвор, во согласност со мерките, нема да има временско ограничување.
Освен тоа, дозволени се посети на рурални подрачја, национални паркови и плажи, односно патување каде било под услов да се престојува надвор. Со оглед дека се препорачува избегнување на јавниот превоз, на споменатите патувања ќе може да се оди само со приватни возила.
Граѓаните кои не се во состојба да работат од дома, почнуваат да се враќаат на своите активности со почитување на сите безбедносни и хигиенски процедури.
- Забрани кои се и понатаму на сила
Граѓаните и понатаму нема да бидат во можност да отидат на одмор, да престојуваат во викендички, ниту да посетат кој било надвор од кругот на потесното семејство, освен ако не станува збор за помагање на други лица.
Забрането е да се плива во јавните базени, да се користат затворените спортски сали, затворените базени, забавните центри. Баровите, ноќните клубови, рестораните и театрите и понатаму остануваат затворени.
Паричните казни за оние што ќе ги прекршат правилата ќе се зголемат од 60 на 100 фунти. Со секое наредно прекршување тој износ ќе се зголеми и ќе може да се изрече парична казна до 3.200 фунти.
- Во втората фаза се отвораат училиштата, во третата хотелите
Според планот, во втората фаза, која ќе започне на 1 јуни, ќе бидат отворени некои продавници, а со училиште најпрвин ќе почнат учениците од основните училишта.
Третата фаза би требало да стапи на сила во јули, а тогаш е планирано отворање на хотелите и другите објекти, со почитување на мерките.