Ekipa
28 Јуни 2020•Ажурирај: 29 Јуни 2020
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Индија денес го регистрираше најголемиот пораст на случаите на коронавирус за едно деноноќие, со 19.906 нови пациенти, соопшти Министерството за здравство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Бројот на дијагностицирани случаи во земјата достигна 528.859.
Бројот на починати изнесува 16.095, откако во последните 24 часа беа пријавени 410 смртни случаи.
Гувахати, главниот град на североисточната индиска држава Асам, ќе биде ставен под целосен карантин во период од 14 дена, со цел да го спречи ширењето на коронавирусот.
„Во првите седум дена нема да има снабдување со зеленчук и други суштински производи“, се вели во соопштението.
Западната држава Махараштра со 159.133 случаи е сè уште најпогодена индиска држава во однос на дијагностицираните случаи со Ковид-19.
Њу Делхи со 80.000 случаи е најпогоден град во земјата. Вкупниот број на починати во главниот град достигна 2.558.
Индиските власти вчера ја дозволија употребата на дексаметазон како алтернативен избор за метилпреднизолон за умерените до тешки случаи на Ковид-19. „Промената е направена по разгледувањето на најновите расположливи докази и консултациите со експертите“, се вели во официјалното соопштение на Владата.
Индија е четврта најтешко погодена земја во светот од пандемијата, по Соединетите Американски Држави (САД), Бразил и Русија.