Ekip
26 Мај 2020•Ажурирај: 27 Мај 2020
РИМ
Во Италија денес се потврдено 78 смртни случаи од последиците на Ковид-19, со што вкупниот број на починати изнесува 32.955. Италијанскиот Црвен крст започна да спроведува доброволни тестови за крв во потрага по антитела за вирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бројот на заразени е намален за 2.358 лица, со што вкупниот број на заразени изнесува 52.942.
Во меѓувреме, бројот на оздравени лица продолжува да се искачува, достигнувајќи 144.658.
Епицентарот на епидемијата во Италија останува северниот регион Ломбардија, каде досега од последици предизвикани од Ковид-19 починаа 15.896 лица, што е повеќе од половина од вкупниот број на смртни случаи во Италија.
Италијанскиот Црвен крст денес започна да ги контактира луѓето за да спроведе 150.000 крвни тестови за антитела за новиот тип на коронавирус, во обид да се открие кои лица оздравеле од вирусот без да бидат свесни дека го имале.
Учеството во тестирањата не е задолжително, но - со оглед на епидемиолошката состојба во земјата - е потребно, велат експертите.
Избраните лица ќе бидат контактирани преку телефон од регионалните центри на Црвениот крст за да закажат термин за тестирање на крвта што ќе се земе во локална лабораторија. Тестот може да се изврши и дома ако лицето е кревко или ранливо.
Ако тестот е позитивен, лицето ќе биде ставено во карантин дома и ќе биде контактирано од регионалната здравствена служба за да помине тест со брисеви и да се потврди дали е заразен.
Министерот за здравство Роберто Сперанза упати повик до Италијанците доброволно да го направат тестот, истакнувајќи ја неговата важност во борбата против вирусот.