Cüneyt Karadağ
22 Март 2020•Ажурирај: 23 Март 2020
БЕРЛИН (AA) – Германската канцеларка Ангела Меркел се изолираше во карантин поради коронавирусот (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Гласноговорникот на германската влада Штефан Зиберт соопшти дека канцеларката Меркел е во самоизолација поради тоа што била во контакт со лекар кој бил позитивен на тест за коронавирус.
Тој појасни дека лекарот во петок ја вакцинирал канцеларката и дека таа е во куќен карантин од моментот на дознавање дека лекарот е заразен.
Меркел денес одржа конференција за новинари, а потоа дозна дека лекарот бил позитивен на тестот за коронавирус.
„Канцеларката Меркел во текот на карантинот ќе работи од дома, а наскоро ќе направи тест за коронавирус", рече Зиберт.
Коронавирусот кон крајот на минатата година се појави во кинескиот град Вухан. Потенцијално смртоносниот вирус брзо се прошири во повеќе земји, а Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална пандемија на Ковид-19.
Според податоците на сајтот „Worldometer“, од коронавирусот досега се заразени 337.727 лица, а од последиците на заразувањето починаа најмалку 14.441 лица. Излекувани се 96.958 заболени лица.
Од епидемијата најтешко се погодени Италија со 5.476 смртни случаи, потоа Кина со 3.261 починати, Шпанија со 1.756 починати и Иран во кој од последиците на заразувањето починаа 1.685 лица.
Во Германија од коронавирусот се заразени 24.717 лица. Од последиците на заразувањето починаа 92 лица, а излекувани се 266 заболени.