Dmitri Chirciu
24 Ноември 2020•Ажурирај: 25 Ноември 2020
МОСКВА (АА) - Доза од потенцијалната вакцина наречена „Спутник V“, што се развива против новиот вид коронавирус (Ковид-19) во Русија, ќе се продава во странство за помалку од 10 американски долари, јавува Агенција Анадолија (АА).
Рускиот фонд за директни инвестиции објави соопштение во врска со цената на вакцината изработена од Националниот институт за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“.
Рускиот Национален институт наведува дека на меѓународниот пазар, заклучно со февруари 2021 година, цената на доза од вакцината ќе биде помала од 10 долари, истакнувајќи дека „цената на 2 дози што се потребни за вакцинирање на едно лице ќе биде помала од 20 американски долари“.
Исто така, во соопштението се вели дека вакцината ќе биде бесплатна за руските граѓани.
Покрај тоа, Националниот институт за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“ тврди дека вакцината „Спутник V“ има стапка на ефикасност врз вирусот од над 95 проценти.
- „Ситуацијата со Ковид-19 станува сè потешка во Русија“ -
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, информирајќи дека состојбата со Ковид-19 во земјата е влошена, рече: „Епидемиолошката состојба во земјата станува сè потешка. Здравствениот систем работи под услови на екстремен интензитет.“
Вицепремиерката на Русија, Татјана Голикова, изјави дека 274.000 легла во болниците се резервирани за пациенти со Ковид-19 и додаде: „Од вчераутро капацитетите се исполнети 78,2 проценти. Во 6 региони на земјата болничките капацитети се исполнети 90 проценти.“
- „Масовната вакцинација ќе започне во 2021 година“ -
Информирајќи за кандидатите за вакцини „Спутник V“ и „ЕпиВакКорона“ против Ковид-19 развиени во Русија, Голикова соопшти дека се произведени 117.000 дози од вакцината „Спутник V“ и дека се планира да се произведат повеќе од 2 милиони дози до крајот на годината.
Таа наведе дека клиничките испитувања на кандидатот за вакцини „ЕпиВакКорона“, развиена од Центарот за истражувања „Вектор“, ќе бидат завршени до крајот на годината. „Масовната вакцинација ќе започне во 2021 година“, соопшти Голикова.
Ана Попова, раководителката на Службата за човеково здравје и заштита на правата на потрошувачите, изјави дека резултатите од тестирањето за Ковид-19 сега ќе бидат објавени за 48 часа.
Попова излезе со тврдењето дека пандемијата на Ковид-19 ќе се доживува секоја година, а особено ќе биде активна во студените сезони.
- Со 491 починат, во Русија е достигнато највисоко ниво на починати од Ковид-19 во еден ден -
Во последните 24 часа во Русија од последиците на Ковид-19 починаа 491 лице, што е највисока бројка на починати на дневно ниво досега, зголемувајќи го вкупниот број на смртни случаи во Русија на 37.031.
Во истиот период детектирани се 24.326 новозаразени, вкупно 2.138.828 од почетокот на заразата во Русија. Досега во Русија оздравеа 1.634.671 пациенти, од кои 23.226 во последното деноноќие.
Во Москва во последните 24 часа регистрирани се 5.838 случаи на Ковид-19, вкупно 566.417, додека починаа 76 заразени, 8.455 од почетокот на епидемијата.