Ekip
14 Јуни 2021•Ажурирај: 14 Јуни 2021
ЊУ ДЕЛХИ
Индија денес регистрираше 70.421 случај на заразување со коронавирусот, што е најниската бројка во 74 дена, се соопштува од индиското Министерство за здравство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Министерството, вкупниот број на заразени во земјата достигна 29,5 милиони, додека бројот на смртни случаи достигна 374.305, со тоа што во последните 24 часа се регистрирани 3.921 нов смртен случај од последиците на вирусот.
Поради тоа што земјата бележи пад на дневните случаи, властите сега ги попуштаат ограничувањата што беа воведени за да се спречи ширењето на вирусот.
Њу Делхи денес укина уште ограничувања, со што рестораните ќе отворат повторно со 50 отсто капацитет. Продавниците и маркетите ќе отворат од понеделник.
Од 12 јуни речиси 200 милиони луѓе ги добија своите први дози на вакцина, додека повеќе од 47 милиони се целосно вакцинирани, според веб-страницата за следење „Наш свет во податоците“.
Индија е втора во светот по бројот на случаи на заразување со коронавирусот, по САД. Според бројот на смртни случаи како последица на вирусот, Индија се наоѓа на трето место, по САД и Бразил.