Emel Öz
21 Мај 2021•Ажурирај: 22 Мај 2021
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Бројот на починати од последиците на коронавирусот во Индија во изминатите 24 часа повторно надмина 4.000, јавува Агенција Анадолија (АА)
Од Министерството за здравство е наведено дека во изминатите 24 часа починале 4.209 лица кај кои претходно е утврдено присуство на коронавирусот.
Од почетокот на пандемијата од последиците на новиот коронавирус починаа 291.331 лице.
Во изминатите 24 часа се регистрирани уште 259.591 нов случај на вирусот, вкупно 26.031.991.
Бројот на смртни случаи на дневна основа од 8 мај беше над 4.000. Во средата е забележан рекорден број, 4.529.
Во последните четири дена бројот на новозаразени е под 300.000.
Во Њу Делхи, главниот град на Индија, на 22 април бројот на заразени надмина 26.000, меѓутоа, во изминатите 24 часа се регистрирани 3.846.
Во Мумбаи, со популација од речиси 12.500.000, на 4 април се регистрирани повеќе од 11.000 случаи, додека тој број последниот ден падна под 2.000.
Експертите веруваат дека вистинските бројки на заразени и починати би можеле да бидат многу поголеми од официјалните податоци.
Во Индија, која има околу 1,4 милијарди жители, кампањата на масовна имунизација започна на 16 јануари, а досега се дадени 186.410.000 дози на вакцини.
Сепак, сѐ уште не е постигнато нивото потребно за запирање на ширењето на пандемијата.