Ekipa
19 Јули 2021•Ажурирај: 20 Јули 2021
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Во Индија бројот на смртни случаи од последици на Ковид-19 во изминатите 24 часа падна под 500, покажуваат податоците објавени од индиското Министерство за здравство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците на Министерството, во последните 24 часа се регистрирани 499 смртни случаи, со што вкупниот број на починати од последици предизвикани од Ковид-19 изнесува 414.108.
Вкупно 38.164 нови случаи се регистрирани низ целата земја, со што бројот на потврдени случаи на вирусот достигна 31,1 милион.
„Активниот број на случаи во Индија во моментов изнесува 421.665. Активните случаи сочинуваат 1,35 отсто од вкупните случаи“, се вели во соопштението на Министерството.
Според статистичките податоци, главниот град Њу Делхи, кој беше епицентар на вториот бран на пандемијата во земјата, вчера не регистрира ниту еден смртен случај.
„Во последните 24 часа, во Њу Делхи не е забележан ниту еден смртен случај“, напиша на Твитер министерот за здравство на Делхи, Сатјендар Јаин, додавајќи дека во последните 24 часа се регистрирани 51 нов случај.
Кога Њу Делхи забележа невиден пораст на случаите во мај, постоеше недостаток на кревети и медицински кислород.
Додека случаите во Њу Делхи и повеќето делови на земјата сега се намалуваат, здравствените експерти предупредуваат дека луѓето што не ги следат мерките за Ковид-19, веројатно, ќе предизвикаат пораст на бројот на заразени.
Во рамките на тековната кампања за вакцинација, Индија досега има администрирано повеќе од 400 милиони дози вакцини. Многу индиски градови, сепак, пријавуваат недостаток на залихи на вакцини.