Ekip
30 Април 2021•Ажурирај: 04 Мај 2021
АНКАРА
Муслиманите во Индија, каде што се бележат рекордни бројки на новозаразени со коронавирусот, одлучија одредени џамии и исламски училишта да ги претворат во Ковид-центри, јавува Агенција Анадолија (АА).
На иницијатива на раководителите на исламските училишта во сојузната држава Западен Гуџарат, кампусите во градот Вадодара се опремени со кревети и боци со кислород, кои се распоредени на начин за на пациентите да им обезбеди физичко растојание.
Муфтијата Ариф Абас за АА изјави дека побарувачката за болнички кревети е зголемена поради сѐ поголемиот број новозаразени со коронавирусот.
Истакна дека кампусот, во кој е задолжен за верските обреди, е претворен во Ковид-центар и дека во изминатата недела токму во тој центар биле излекувани голем број пациенти со Ковид-19.
Во Ковид-центар е претворена и Џамијата „Џахангирпура“ во градот Вадодара.
Членот на Џамискиот одбор, Ирфан Шејх, истакна дека вработени се неколку доктори кои на заразените ќе им пружаат помош во џамијата која е претворена во Ковид-центар со 50 болнички кревети.
Покрај Ковид-центрите, муслиманската заедница во Индија воспостави и Кол-центар, со цел полесно наоѓање кревети и боци со кислород.