Sümeyye Dilara Dinçer,Emre Aytekin
28 Април 2021•Ажурирај: 28 Април 2021
ЊУ ДЕЛХИ
Во последните 24 часа во Индија се регистрирани 360.960 случаи на зараза со новиот тип коронавирус (Ковид-19), што претставува највисока бројка во светот на дневно ниво, известува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти Министерството за здравство на Индија, досега Ковид-19 е детектиран кај 17,9 милиони лица, додека од последиците предизвикани од заразеност со коронавирусот животот го загубија 201.187 заразени. Само во последните 24 часа во оваа земја починаа 3.293 лица.
- Здравствениот систем пред распаѓање
Индија со денови забележува највисока бројка на заразени со коронавирус во светот.
Експертите предупредуваат дека здравствениот систем на оваа земја е пред колапс поради недостатокот на кислород и лекови.
Илјадници пациенти се враќаат назад поради исполнетост на болниците. Луѓето упатуваат повици преку социјалните мрежи, барајќи помош за лекување на нивните најблиски.
Додека има потешкотии во обезбедувањето кислород за пациентите поврзани на респиратор, заразените со Ковид-19 умираат на улиците.
Во Њу Делхи, каде што голем број болници имаат проблеми поради недостигот на медицински кислород, Арвинд Кејривал, премиерот на оваа индиска држава, побара помош од премиерите на другите индиски држави.
Поради сè поголемата бројка на смртни случаи предизвикани поради заразеност со коронавирусот, крематориумите во една од најпогодените земји во светот од пандемијата се полни со починати.
- Се шират новите варијанти на мутиран коронавирус, што се со високи инфективни својства
Се проценува дека новите варијанти на Ковид-19 во Индија, што се со високи инфективни својства, се причина за неодамнешното зголемување на бројката на заразени.
Само во главниот град Њу Делхи стапката на заразени меѓу тестираните примероци сомнителни на коронавирус на 23 април изнесуваше 36,24%, додека само еден месец претходно оваа стапка изнесуваше помалку од 3%.
- Бројот на вакцинирани надмина 147 милиони
Во Индија, која е земја со популација од 1,4 милијарди жители, во моментов има масовна кампања за вакцинација.
Сепак, масовната кампања за вакцинација сè уште не го достигна нивото што може да ја запре епидемијата.
Министерството за здравство на Индија објави дека досега во земјата се дадени 147.827.367 дози вакцини.
Со цел вакцинацијата да биде поефикасна во запирање на ширењето на вирусот, од 1 мај се планира да започне вакцинацијата на населението на возраст од 18 до 45 години, што досега не беше дел од популацијата што беше ставена во програмата за вакцинирање.
Според веб-страницата „Ourworldindata.org“, која ги објавува податоците поврзани со вакцинацијата против Ковид-19 во земјите од светот, Индија е „трета земја во светот со најголем број вакцинирани“ по САД и Кина.