Bayram Altuğ,Bilal Acar
21 Ноември 2020•Ажурирај: 22 Ноември 2020
ЖЕНЕВА
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека научно истражување спроведено на медицинските работници во Велика Британија покажало дека лицата заразени со коронавирусот (Ковид-19) имаат многу мал ризик повторно да се заразат во период од шест месеци по оздравувањето, јавува Агенција Анадолија (АА).
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, одржа виртуелен состанок со експертите по епидемиологија, а во таа пригода од седиштето на оваа меѓународна организација рече дека во изминатите четири седмици во светот се потврдени повеќе случаи на заразување со Ковид-19 отколку што тоа беше случај во првите шест месеци на пандемијата од Ковид-19.
Тој рече дека ситуацијата е посебно алармантна во Европа и во Северна Америка, каде што болниците веќе се полни поради брзиот прилив на новозаболени.
„Добивме добри вести за вакцините против коронавирусот и тоа ни влева надеж дека пандемијата ќе биде завршена. Неопходно е во овој временски интервал да ги употребиме расположливите средства за да го запреме бранот на ширењето на заразата и да ги спасиме животите на луѓето“, порача Гебрејесус.
На прашањето да го коментира истражувањето што покажа дека лицата кои ќе оздрават од Ковид-19 имаат исклучително мал ризик од повторно заразување во период од половина година, шефот на Програмата за итни ситуации при СЗО, Мајк Рајан, рече дека тоа е одлична вест и важна од аспект за развивање на нивото на антителата што се развиваат во организмот.
„Ова е потенцијално важна информација. Продолжува можниот период на заштитеност. Се надевам дека тој период ќе биде уште подолг. Свесни сме дека постои граница на тој одбранбен систем, но ни дава надеж за ефикасност на вакцините кои би можеле додатно да го продолжат периодот на заштитата“, рече Рајан.
Шефицата на тимот на СЗО за борба против Ковид-19, Марија ван Керков, рече исто така дека тоа е добра вест во контекст на развојот на антиковид-вакцината.
„Тој резултат дава надеж и потврдува низа претходни студии. Сега знаеме дека антителата со месеци штитат, а ќе можеме да утврдиме и колку долго можат да го прават тоа“, рече таа.
Спомнатото истражување го спроведоа научници од британскиот Универзитет „Оксфорд“ и тоа во период од април до ноември на примерок од 12.000 здравствени работници.