Barış Seçkin
22 Март 2020•Ажурирај: 22 Март 2020
РИМ (AA) - Премиерот на Италија, Џузепе Конте, изјави дека во оваа држава е запрено целото производство коешто не е неопходно во екот на борбата против ширењето на коронавирусот (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Конте имаше обраќање до нацијата преку социјалните мрежи и порача дека Владата работи транспарентно и не крие ништо од своите граѓани.
„Нашата земја е соочена со најтешката криза од Втората светска војна“, рече Конте и додаде дека со коронавирусот се заразени 42.681 лице, а дека од последиците на заразувањето починале 4.825 лица.
Истакнувајќи дека властите се принудени да воведуваат строги мерки, Конте рече дека е потребно време таквите мерки да донесат подобрување на ситуацијата.
„Потребно е сите да се придржуваат до мерките и да останат во своите куќи“, порача Конте.
Истакнувајќи дека производството во Италија не е запрено во целост, Конте рече дека тоа е тешка одлука и дека запира производството коешто не е неопходно во оваа ситуација.
„Ќе дозволиме работа на далечина и производството коешто е неопходно. Нема потреба за метеж во супермаркетите. Продавниците за храна, аптеките, поштите и банките остануваат отворени“, рече Конте и додаде дека актуелните мерки се на сила до 3 април.
Коронавирусот кон крајот на минатата година се појави во кинескиот град Вухан. Потенцијално смртоносниот вирус брзо се прошири во повеќе земји, а Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална пандемија на Ковид-19.
Со коронавирусот досега во светот се заразени вкупно 308.594 луѓе, а од последиците починаа најмалку 13.069 лица.
Излекувани се 95.829 лица, а моментално на лекување се 199.696 заразени, меѓу кои се 9.943 лица во тешка состојба.
Со епидемијата најтешко се погодени Италија со 4.825 смртни случаи, потоа Кина со 3.261 починат и Иран во кој од последиците на заразувањето починаа 1.556 лица.